Соединетите држави ги поддржаа напорите на Меѓународниот олимписки комитет (МОК – IOC) да им дозволи на руските и белоруските спортисти да се натпреваруваат на Олимписките игри во Париз под неутрално знаме, соопшти во четвртокот Белата куќа.
„Од самиот почеток, САД го поддржаа исклучувањето на националните спортски тела на Русија и Белорусија од меѓународните спортски федерации“, рече портпаролката на Белата куќа, Карин Жан-Пјер.
„Во случаи кога спортските организации и организаторите на настани, како што е Меѓународниот олимписки комитет, одлучуваат да дозволат спортисти од Русија и Белорусија да учествуваат на спортски настани, треба да биде апсолутно јасно дека тие не ја претставуваат Русија или Белорусија“, додаде таа.
Од Белата куќа додаде дека сѐ уште се против какво и да е истакнување државни симболи, знамиња и грбови.
Одговорот на САД доаѓа помалку од една седмица откако МОК одлучи дека, и покрај руската инвазија во Украина, ќе ја проучува можноста руски и белоруски спортисти да учествуваат на официјални натпревари, вклучително и Олимпијадата во Париз во 2024 година.
Ставот на САД само ја надополнува растечката дебата околу претстојните игри во Париз во 2024 година. Пред извесно време, Украина повика на целосна забрана за руските спортисти поради руската инвазија на Украина. Русија, од друга страна, се залага за укинување на сите ограничувања и тврди дека Олимписките игри не треба да се политизираат.
Балтичките земји и Полска ги повикаа меѓународните спортски тела да ги забранат руските и белоруските спортисти од Олимпијадата и другите спортски натпреварувања сѐ додека трае војната во Украина.
„Министрите на Литванија, Естонија, Летонија и Полска објавија заедничка изјава во која бараат исклучување на руските и белоруските спортисти“, изјави литванската министерка за образование, наука и спорт Јургита Сиугздиниене.
Сепак, од друга страна, генералниот секретар на Австрискиот олимписки комитет (ÖOC) Петер Менел како и претседателот на Меѓународниот олимписки комитет (IOC) Томас Бах се залагаа за учество на руски и белоруски спортисти на Летните олимписки игри во Париз во 2024 година.
„Мислењето на Меѓународниот олимписки комитет е дека ниту еден спортист не треба да биде спречен да учествува на натпревари само поради неговиот пасош. Ние во Австрискиот олимписки комитет се согласуваме со таа процена“, објасни Менел.