Русите за четири месеци купиле недвижнини во Црна Гора вредни 20 милиони евра

Со 41,6 милиони евра директни инвестиции, Русија е најголем инвеститор во Црна Гора во првите четири месеци годинава. Половина од сумата, 20 милиони, Русите ја вложиле во купување недвижнини, покажуваат податоците на Централната банка, објави весникот Побједа.

За четири месеци годинава во Црна Гора имало вкупно 306,47 милиони евра странски директни инвестиции. Тоа е за 68,4 милиони повеќе, отколку во истиот период во 2021 година.

Како што пишува весникот, се чини дека војната што ја водат во Украина, ги наведе Русите да ги зголемат инвестициите во Црна Гора. Па, тие инвестирале 15 милиони повеќе, отколку од јануари до крајот на април минатата година, кога со 25,8 милиони директни инвестиции го зедоа третото место на листата земји што најмногу инвестирале.

Русите, според официјалните податоци на Управата за приходи и царина, од 1 февруари до 9 јуни годинава формирале 1.100 фирми во Црна Гора, главно од областа на ИТ.

Побједа претходно објави дека Русите се сопственици, или ко-сопственици, на 18.906 недвижнини и 3,9 милиони квадрати земјиште во Црна Гора, во 13 општини.

Владата минатиот месец замрзна имот на 34 руски државјани, како дел од санкциите поради инвазијата на земјата врз Украина. Замрзнати се недвижнини во Херцег Нови, Будва, Жабљак.

Од почетокот на годинава до крајот на април, од Украина во Црна Гора имало 5,47 милиони евра инвестиции. Најголем дел од парите Украинците ги потрошиле на купување недвижнини – 4,6 милиони, додека во компании и банки инвестирале 594.000 евра.

По Русија, најмногу пари во Црна Гора стигнале од Обединетите Арапски Емирати – 40,64 милиони евра. И ОАЕ значително го зголемиле инвестирањето во Црна Гора, во однос на минатата година, кога за четири месеци инвестирале 8,68 милиони.

На трето место е Турција со 27,9 милиони евра директни инвестиции. Потоа следуваат Италијаните со 27,2 милиони. На петтата позиција е Швајцарија со 25,5 милиони евра инвестиции.

Германија е следна со 25,48 милиони инвестиции. Станува збор за значаен скок на инвестиции од Германија. Минатата година земјата не беше меѓу првите десет по инвестирање во Црна Гора.

На листата се најдоа и Србија, САД, Велика Британија, Австрија.