Најмалку две лица загинаа, а 22 се повредени во руски ракетен напад врз градот Краматорск во источна Украина, соопштија украинските власти.
Ресторан и шопинг зона во центарот на градот беа оштетени по денешниот напад, соопшти украинското Министерство за внатрешни работи.
Во центарот на градот трае спасувачка операција, а безбедносните служби им помагаат на итните служби на местото на настанот и ги евакуираат жртвите, пишува Би-Би-Си.
Локалните власти велат дека имало голема концентрација на цивили во областа кога проектилите ги погодиле овие објекти. Според извештаите, меѓу повредените во нападот има и едно дете.
Нападот доаѓа откако претседателот Володимир Зеленски изјави дека украинската контраофанзива напредува на сите фронтови.
Краматорск е под украинска контрола, но блиску до деловите на источниот регион Доњецк окупирани од Русија.
Краматорск беше постојано гранатиран од руските сили од почетокот на инвазијата минатиот февруари – вклучително и во април 2022 година, кога повеќе од 50 луѓе беа убиени во ракетен напад на железничката станица во градот.