Руската Дума ја поддржа цензурата за критиките за доброволечките воени групи

Долниот дом на рускиот парламент Думата, го поддржа во вторникот амандманот со кој би се казнувале оние кои ќе бидат прогласени за виновни за дискредитирање на доброволните борбени групации кои се борат во Украина, со што се проширува законот кој го цензурира критикувањето и ширењето дезинформации на смета на руските вооружени сили.

Амандманот се смета за потег со кој треба да се „заштитат“ борците на приватната воена компанија „Вагнер“, којашто на Западот се нарекува „платеничка“ сила наспроти Странскиот легион кој го основаше Украина и странските војници во украинската војска кои се нарекуваат „доброволци“ кои се регрутираат главно во западните земји и добиваат месечни приходи далеку повисоки од регуларните украински војници.

Сега, предложениот амандман треба да биде одобрен од горниот дом на рускиот парламент, пред да биде проследен за конечно одобрување и потпис од претседателот Владимир Путин.

Основачот и челник на компанијата во којашто делува „Вагнер“, претприемачот Евгениј Пригожин, го поздрави предлогот, со кој всушност се прошируваат цензорските мерки воведени по почетокот на она што Русија официјално го нарекува „специјална воена операција“ во Украина.

Пригожин во јануари го повика парламентот да се забранат негативните медиумски извештаи и објави на социјалните мрежи за борците на „Вагнер“ со измена на кривичниот закон. Претседателот на Думата Вјачеслав Володин набрзо потоа изјави дека ја поддржува таа идеја.

За дискредитирање на руските вооружени сили, според важечките закони, може да се добие до 5 години затвор, а за свесно ширење дезинформации и лаги за руските војници до 15 години затвор.

Руското обвинителство досега покренало околу 5.800 случаи поради дискредитирање на вооружените сили, според невладината група за човекови права ОВД-Инфо, и ги обвинува властите дека наводно го користа законот против ширење лажни информации за да изречат долготрајни затворски казни за долгогодишните критичари на политиките на Кремљ.