Руската компанија „Конкорд“, обвинета дека била вмешана во претседателските избори во 2016 година во САД, на кои победи сегашниот претседател Доналд Трамп, порача дека извојувала победа. Компанијата соопшти дека ќе бара 50 милијарди долари отштета заради незаконската постапка што против неа ја покрена американското правосудство и на крајот се повлече од постапката.
Евгениј Пригожин, деловен човек поврзан со рускиот претседател Владимир Путин, заедно со други 12 Руси и фирми, меѓу кои и неговата компанија „Concord Management and Consulting LLC“ , во 2018 година беа обвинети дека преку „фабрика од тролови“ ја воделе пропагандната кампања со цел да се дестабилизираат САД.
Судењето требаше да почне во април, но обвинението во понеделникот е отфрлено, на барање на американското обвинителство, пренесе Хина.
-Сметам дека судската постапка меѓу „Конкорд“ и американската Влада со ова не е завршена. Подговуваме тужба заради незаконскиот процес, изјави Пригожин, и најави дека ќе бара 50 милијарди долари отштета.
Американското правосудство го повлече обвинението со образложение дека „Конкорд“ се обидел да ги искористи доказите за да ја дискредитира истрагата, одбивал да соработува, но и затоа што некои докази биле тајни и со тоа што „Конкорд“ загрозувал некои извори.
„Конкорд“ го поздрави отфрлањето на обвинието како своја победа и доказ дека целиот процес бил темелен на лаги за Русија да се обвини за внатрешните проблеми во САД.
-Обвинението е отфрлено заради стравот да не покажеме јавно, во текот на судењето, дека обвинувањата на Вашингтон се лажни, изјави Пригожин.