Светската здравствена организација (СЗО) има намера да ја поддржи промоцијата на руската вакцина против корона вирусот „Спутник 5“, изјави директорот на СЗО во Европа, Ханс Клуге, за време на средбата со рускиот премиер Михаил Мишустин.
Ваквата изјава доаѓа откако, во јануари, СЗО одржа стручни консултации за употребата на руската вакцина во итни ситуации.
-Првите стручни консултации на Светската здравствена организација за примена на вакцината „Спутник 5“ за добивање на статут за дозвола за употреба во итни ситуации се одржаа на интернет на 20 јануари – вели советникот на министерот за здравство на Русија Сергеј Глаголев.
И додека СЗО ја вметнува руската вакцина против корона во својот систем, министерот за иновации и технолошки развој на Србија, Ненад Поповиќ ги посети погоните на најголемиот руски производител на вакцини „Спутник 5“, организацијата „Генериум“ во Владимирскиот регион во Русија и соопшти дека почнале официјални разговори за производство на таа вакцина во Србија.
Поповиќ, заедно со експерти од Институтот „Торлак“ и Министерството за здравство, одржа состанок со генералниот директор на „Генериум“, Данило Таљански, кој ја потврди подготвеноста на руската страна за трансфер на технологија, како и за за обука на српскиот персонал за производство на руска вакцина против Ковид-19 во Србија.
Поповиќ посочи дека ова е уште еден доказ за пријателските односи меѓу Србија и Русија, но и доказ за големиот авторитет и почит што претседателот на Србија, Александар Вучиќ, го ужива во Русија.
-Благодарение на претседателот Вучиќ, руската страна веднаш одговори на нашето барање руската вакцина „Спутник 5 “да се произведува во Србија, а од највисокото ниво во рускиот државен врв беше наредено да се најде начин што поскоро да се воспостави производство на оваа вакцина во Србија. Не е потребно да се спомене колку ќе биде важно производството на руската вакцина во Србија. Прво за зачувување на здравјето и животот на луѓето, а потоа и за можните развојни перспективи за дистрибуција на оваа вакцина на Балканот и во Југоисточна Европа – изјави Поповиќ.
Тој посочи дека е потпишан протокол со организацијата „Генериум“, кој дефинира понатамошни чекори кон воспоставување на заедничко производство на вакцини во Србија.
Поповиќ исто така најави дека во наредните денови руски експерти ќе ја посетат Србија и Институтот „Торлак“ со цел да бидат убедени во кадровските и технолошките капацитети со кои располага институцијата.
ВД директор на Институтот за вирусологија, вакцини и серуми „Торлак“, Вера Стоиjковиќ, посочи дека Институтот е подготвен итно да ги преземе неопходните чекори за воспоставување на производство на руски вакцини во Србија.
-Технологиите и опкружувањето во кое се произведува оваа вакцина не ни се непознати. Убедена сум дека Институтот, со поддршка на државниот врв, заедно со руски експерти, може многу брзо да го утврди производството на оваа вакцина во Србија – истакна Стоиjковиќ.
На крајот на 2020 година, Србија потпиша билатерални договори за набавка на вакцини со „Фајзер“, со производителот на рускиот „Спутник 5“ и кинескиот „Синофарм“, а исто така е во глобалниот систем Ковакс за набавка на вакцини против корона.
Од 11 јануари, граѓаните на Србија аплицираат за вакцинација против корона вирусот преку Интернет и телефонски и можат да изберат која вакцина сакаат да ја примат.
Мирсад Ѓерлек, државен секретар во Министерството за здравство на Србија, на 21 јануари соопшти дека околу 50.000 граѓани биле вакцинирани до 20 часот во средата, и дека 436.000 лица поднеле барање за имунизација за корона вирус.
Ѓерлек, за белградската Телевизија „Прва“, изјави дека во Србија се отворени повеќе од 350 пунктови за вакцинација против корона вирусот.