Руски „Гаспром“ останува на дресот на Црвена ѕвезда

Црвена ѕвезда може да го носи логото на „Гаспром“ на својот дрес на натпреварите од Лига Европа. Иако некои клубови го прекинаа спонзорството со руската нафтена компанија, во знак на протест поради руската инвазија на Украина, црвено-белите сигурно нема да го сторат тоа.

Европската куќа на фудбалот (УЕФА) истакна дека нема да им определува на клубовите што треба да прават во однос на спонзорството и дека тоа е нивна лична работа. Тоа значи дека логото на руската компанија ќе биде на дресот на Звезда на претстојниот меч кај Ренџерс во Глазгов на 10 март.

Соработката меѓу Црвена ѕвезда и Гаспром трае од 2007 година. На источната трибина има голем знак на руската компанија, која до неодамна беше еден од главните спонзори на Лигата на шампионите.