Руски хакери коишто се претставуваат како Killnet тврдат во понеделникот дека извршиле кибернетички упад на мрежната страница на американската воена база Рамштајн на северозападот на Германија.
„Базата падна, или нешто слично“, објавено е на каналот We are Killnet на апликацијата за размена на пораки Telegram.
Засега нема никаква официјална потврда на таквото тврдење, но поедини медиуми објавуваат дека при обидот да се вчита официјалната страница на Рамштајн од Европа има проблем, а подоцна се појавува известување дека е истечено времето за пребарување.
Претходно доцна ноќа кон понеделникот Северноатлантскиот сојуз потврди дека кибернетички инцидент влијаел врз функционирањето на неговите мрежни страници.
„Кибернетичките експерти на НАТО активно работат на инцидентот кој влијаел врз некои мрежни страници на НАТО. НАТО со кибернетичките инциденти се справува редовно и таквите безбедносни закани ги сфаќа многу сериозно“, изјавил претставник на Алијансата за Германската новинска агенција DPA.
Повод за оваа изјава биле објавите на социјалните мрежи во коишто беше наведено дека наводно проруски хакери познати како Killnet ја нападнале страницата на Штабот за посебни операции (NSHQ) на НАТО, којашто привремено била недостапна. Оваа група беше поврзува и со некои други неодамнешни напади во кои цели беа мрежните страници на германскиот Бундестаг и на полицијата, но не беа приложени докази за таквите тврдења.
Од НАТО не објавија дополнителни поединости за споменатиот кибернетички напад.
Во американската воздухопловна база Рамштајн се одржуваат состаноци на контакт групата земји членки на НАТО и нивни сојузници за воена поддршка на Украина во војната против Русија. Дел од базата во медиумите се наведува и како центар на помошта во операциите на украинската војска.
Базата Рамштајн во Германија е најголемото упориште на американските воздухопловни сили надвор од САД и седиште на командата на нејзините сили во Европа (United States Air Forces in Europe, USAFE), и е една од позначајните бази на НАТО. Во неа работаат околу 15.000 припадници на воениот персонал и околу 30.000 цивилни специјалисти од најразлични области.
Покрај тоа, Рамштајн е и една од двете воени бази во Германија за кои се верува дека се складирани нуклеарни боеви глави. Од 2011 година во базата е лоциран центарот за воздушно-космички операции кој ги координира и управува операциите на американските беспилотни летала во Ирак, Авганистан, Сомалија, Јемен и Пакистан.