Руските и кинеските стратешки воени авиони, вклучително и бомбардерите „Туполев Ту-98“, заеднички патролирале над Јапонското Море и над Источното Кинеско Море, соопшти во средата руското Министерство за одбрана.
Јужна Кореја претходно објави дека ги подигнала своите борбени авиони откако два кинески и шест руски воени авиони навлегле во јужнокорејската воздушна одбранбена зона.
Руското министерство за одбрана потврди дека „во одредена фаза од рутата стратешките бомбардери беа следени од борбени авиони на странски држави“.
„Воздухопловната група со стратешките носачи на проектили ‘Ту-95МС’ на руските воздухопловни сили и стратешките бомбардери XIAN H-6K на Воздухопловните сили на Народноослободителната војска изведоа воздушни патроли над водите на Јапонското и на Источното Кинеско Море“, се наведува во соопштението.
Руските и кинеските авиони, како што се истакнува во соопштението, „дејствуваа строго во согласност со меѓународното право и не е нарушен странски воздушен простор“.
Ова е првпат во рамките на заедничките воздушни патролирања руските воени авиони да слетаат во Кина, а кинеските воени авиони на аеродром на територијата на Русија.
Тешките стратешки бомбардери „Ту-95“ и „Ту-160“ со долги летови и можност да носат проектили со нуклеарни боеви глави беа главнината на рускиот воздушен напад на нуклеарните сили. Првпат во служба на советската авијација за долги летови на воздухопловните сили во 1956 година авионите „Ту-95“ и модернизираната варијанта „Ту-95МС“ се очекува да бидат во составот на руските воздушни и космички сили најмалку до 2040 година, додека Москва тие сили ги опремува и со хиперсонични проектили и бомбардери од петтата генерација.