Руски Роснефт и кинески CEFC склучија договор за снабдување со нафта

Најголемиот руски производител на нафта „Роснефт“ објави во понеделникот дека со кинеската компанија China Energy Company (CEFC) склучил договор за снабдување со нафта.

Во следниот петгодишен период, почнувајќи од 1-ви јануари следната 2018 година „Роснефт“ ќе му испорача на CEFC 60,8 милиони тони нафта, се наведува во соопшението на руската компанија испратено до светските агенции.

Цената на нафтата ќе се базира на формулата којашто е врзана за цените на глобалните пазари, се додава во известувањато.

Кина, благодарејќи на осигураниот пристап до руската нафта, би можела на глобално ниво да формира интегриран синџир за снабдување со нафта. Притоа CEFC, до неодамна релативно непознат трговец со нафта на глобалниот пазар, ќе напредува на 10-то место на светската табела, истакнуваат експертите за Reuters.

Кинеската компанија, исто така, ќе стане и доминантен играч на пазарот на сирова нафта од Сибир, а можеби ќе ги загрози и позициите на западните компании како „Vitol“ и „Trafigurа“.

Русија, пак, ќе ја зацементра својата позиција на водечки кинески снабдувач со нафта и дополнително ќе го зголеми водството во однос на Саудиска Арабија.

Кинески CEFC во септември постигна договор за купување на 14,2 отсто од уделот во „Роснефт“ за повеќе од 9 милијарди американски долари, потсетува Reuters.