Одговорот на Русија на литванската забрана за транзит на стоки во балтичката енклава Калининград нема да биде исклучиво дипломатски, туку и практичен, изјави во средата портпаролката на руското министерство за надворешни работи Марија Захарова.
„Едно од главните прашања е дали одговорот ќе биде исклучиво дипломатски. Одговорот е не. Одговорот нема да биде дипломатски, туку практичен“, изјавила Захарова на редовниот седмичен брифинг за новинарите.
Захарова не сакала да елаборира за карактерот на практичните мерки коишто Русија планира да ги преземе во врска со блокадата од страна на Литванија на нејзината територија.
Од Кремљ во средата, исто така, наведуваа дека санкциите на Европската унија кои довеле Литванија да наметне забрана за транзит на некои стоки од континентална Русија во Калининград се „апсолутно неприфатливи“, како и дека Москва работи на соодветни одмазнички мерки.
Во разговор со новинарите преку конференциски повик, портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, изјавил дека Москва допрва мора да реши кога ќе ги наметне противмерките.
Одговорот на Москва на транспортната блокада на Калининградската област од страна на Литванија директно ќе влијае на жителите на балтичката република, предупреди во вторникот во Калининград на состанокот посветен на националната безбедност на северозападна Русија, секретарот на рускиот Совет за безбедност, Николај Патрушев.
„Се разработуваат соодветни мерки во меѓуресорски формат коишто ќе бидат преземени во блиска иднина. Нивните последици ќе имаат сериозно негативно влијание врз жителите на Литванија“, порачал Патрушев.
Минатата седмица литванската железница ја известила железницата во Калининград за прекин на транзитот на стоки кои подложат на санкции на ЕУ од 18-ти јуни. Гувернерот на оваа руска енклава, Антон Алиханов, истакна дека новите товари од Русија ќе бидат преземени од фериботскиот систем на регионот. Транзитот на нафтени деривати продолжува и не е ограничен до 10-ти август. Преку копнен пат, Русија има пристап до оваа енклава преку Литванија и Полска. Вилнус тврди дека забраната за транзит е спроведување на санкциите за казнување на Русија поради нејзината воена интервенција во Украина.