Наградуваната претстава „Женидба“ од Гогољ во изведба на Театарот „У-моста“ од рускиот град Перм, вечерва ќе се игра во прекрасниот амбиент на предворјето на црквата „Света Софија“ во Охрид, во рамки на годинешното издание на „Охридско лето“.
Директорот на театарот и режисер на претставата Сергеј Федотов рече дека е топла, свртена кон човекот.
– Поинаквиот пристап кон поставката ни дозволува од претставата да создадеме комедија, за која публиката и критиката оценува дека се работи за сосема невообичаен израз, нешто невидено, истакна Федотов.
За она што се случува на сцената во текот на претставата, вели, може да се каже дека е фантазмагорија, исполнета со чуда, неверојатни и неочекувани акции. Кочкарјов е синоним за ѓавол и ја претвора сцената во пекол, страшна и мрачна, опкружена со демонски сили, а потоа Кочкарјов исчезнува во мракот. Сеништата и привиденијата на сцената се застрашувачки, но во исто време и фасцинантни.
Гогољ ја обработил темата на осаменоста и немоќта на човекот пред предизвикот на животот, пред предизвикот на вечното искушение и контрадикциите.
Главниот актер во претставата, Ирина Молианова, рече дека ова и е најомилена претстава, а улогата што ја толкува ја поситоветува со духовно прочистување.
– Тука целосно се предавам во улогата, два часа духовно прочистување, што ги користам за целосно да му се предадам на Бога, изјави таа.
Театарот „У-моста“ од Перм е основан во 1988 година благодарение на неверојатната енергија на режисерот Сергеј Федотов, кој буквално ја „бомбардира“ театарската атмосфера во Перм со светли и необични изведби.
Сергеј Федотов е роден на 11.1.1961 година во Перм. Со високо образование се здобил на Државниот институт за уметност и култура во Перм, отсек режија. Во 1983 година Федотов го основа Младинското театарско студио „Нитва“, кое е прва генерална проба на идниот театар „ У-моста“.
Инаку, за популарноста на „Женидба“ беше истакнато дека независно што повеќе од 20 години е на програмата на „У-моста“, секоја нејзина изведба е целосно распродадена, понекогаш изведувана во Перм и по четири пати дневно.