Руските доброволци во Украина запленија британска ракета „Storm Shadow“

Руските војници од доброволечкиот одред БАРС-11 и командата на единицата „Царски волци“ од линијата на контакт на фронтот во Украина успеале да запленат речиси целосна британска наведувана ракета од типот „Storm Shadow“, изјавил за руската агенција РИА началникот на Воено-техничкиот центар „Царски волци“, Дмитриј Рогозин.

„Таа (ракетата) е само делумно оштетена, многу успешно е спуштена. Ракетата беше поделена на неколку делови од нашите технички стручњаци уште на самото бојно поле, високоексплозивните и кумулативни делови се одвоени, блокот за управување е одвоен, а крилото беше преклопено за полесно транспортирање“, рекол Рогозин.

Рогозин до минатата година беше на чело на руската вселенска агенција „Роскосмос“ и се истакнуваше со исклучително воинствени и заканувачки изјави кон ткн колективен Запад, а потоа беше сменет од должност. За неговата судбина имаше бројни шпекуалции, сѐ додека не се јави самиот од боиштето во југоисточна Украина каде беше ранет во украинско ракетирање.

Рогозин прецизираше дека во ракетата била применета електроника од многу високо технолошко ниво, која го издржала големото оптоварување во текот на приземјувањето, односно падот. Операцијата за евакуација на воениот трофеј траел два дена, додал.

„На неа функционираше GSP-фар кој може да ја насочува групата за гаѓање и откривање на противникот. И покрај тоа што го блокиравме, нашите борци не смееја да останат на едно место со проектилот, мораа постојано да се движат па дури и да влезат во борба затоа што имаше обид на диверзантско-извидувачка група на непријателот да ги пресретне возилото со проектилот и возилото за придружба“, додал Рогозин.

Воениот трофеј е предаден на стручњаци за проучување на дизајнот и полнењето на британскиот проектил. Шефот на Воено-техничкиот центар „Царски волци“ истакнал дека тоа ќе ѝ овозможи на руската одбранбена индустрија да создаде најефикасни средства за справување со „Storm Shadow“.

„Мило ми е што нашата единици го направи тоа. Сега нашата противвоздушна одбрана почесто ќе ги соборува таквите проектили и постепено тие ќе станат бескорисни“, истакнал Рогозин.

Ракетите „Storm Shadow“ спаѓа во класата „невидливи“ крстосувачки (наведувани) ракети кои се лансираат од воздух, и се истрелуваат од авиони. Станува збор за заеднички проект на француската воена компанија „Matra“ и англиската „British Aerospace“, оружје кое во моментов го произведува концернот MBDA. Дострелот на варијантите кои се извезуваат, според американското специјализирано списание The Drive, изнесува 250 километри, но постојат и модификации со дострел од 560 километри.

Русија повеќепати предупреди дека испораките на ваквите западни вооружувања доведуваат само до ескалација на војната и оти ќе бидат легитимна воена цел транспортите со кои тоа оружје се доставува на територијата на Украина. Но во последно време, повеќе високопозиционирани руски политичари повикуваат преземање на воени акции на руската армија на локациите на кои се довезува таквото оружје во соседните земји на Украина.