Руските им порачаа на украинските сили да го положат оружјето во Северодоњецк

Проруските сепаратистички единици помогнати од руската војска им порачаа на припадниците на украинските воени и паравоени формации опколени во хемиската фабрика „Азот“ крај источниот град Северодоњецк до средата утрото да го положат оружјето, откако ги подобрија своите позиции во битката за целосна контрола над источните доминантно руски и рускојазични региони во источна Украина.

Украина од Западот доби тешка артилерија со долг дострел со која врши континуирани гранатирања врз градовите, особени во Доњецкиот регион, но тоа не ги спречи руските единици да се насочат во целосно заземање на административните граници во областа Донбас пред превратот во Киев во 2014 година. Барањето на украинските власти за уште повеќе тешко оружје се очекува да биде тема на состанокот на министрите за одбрана на земјите членки на НАТО кое подоцна во среда ќе се одржи во Брисел./

Од Киев велат дека во хемиската фабрика „Азот“ во подземните противавионски скривници се засолнети повеќе од 500 цивили, главно работници во комбинатот и членови на нивните семејства. Проруските единици, пак, оценија дека во фабриката може да има и до 1.200 цивили и ги обвинија украинските сили дека повторно ја користат тактиката на земање на цивилите како заложници и „жив штит“ и не им дозволуваат да се евакуираат, иако според нив досега неколку десетици успеале да дојдат до првите позиции на руските сили и да бидат изведени од фабричкиот круг.

„Националистите би требало да го запрат својот непромислен отпор и да го положат оружјето од 8 часот утрото по московско време“, изјави генерал-полковникот Михаил Мизинцев, шеф на рускиот Национален центар за управување со одбраната и додаде дека цивилите ќе бидат слободни да се евакуираат преку хуманитарен коридор.

„Гранатирањето на ‘Азот’ е толку зачестено што луѓето веќе не можат да останат во засолништето, психички се на работ“, изјави именуваниот од Киев гувернер на Луганск, Серхиј Гајдај, кој одамна не е на територијата на еден од двата доминантно проруски региони кои прогласија независност во 2014 година.

Руското настапување на Северодоњецк, град кој пред војната имаше до 150.000 жители, во моментот е во фокусот на битката за Донбас. Киев објави дека секој ден гинат од 100 до 200 украински војници, додека стотици се ранети. Киевските власти, исто така, тврдат дека се обидуваат да ги евакуираат цивилите од градот, откако руските сили, откако украинските ги урнаа другите мостови за да спречат евентуално повлекување на своите трупи, го урнаа и последниот мост кој води до соседниот град Лисичанск, кој е под украинска контрола.

Руските сили го напаѓаат и Лисичанск, град кој се наоѓа на возвишение на западниот брег на реката Северен Донец.

Борбите за Северодонецк траат од почетокот на мај. Украинската страна често дава спротивставени објави дека нејзините сили или се повлекле или дека напредуваат во градот, признавајќи сепак дека сепаратистичките сили помогнати од руските единици заземале некои градски населби. Рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу, пак, претходно седмицава изјави дека станбените реони во градот се целосно ослободени, а дека продолжуваат борбите во индустриската зона каде е комбинатот „Азот“.

Проруските сили со поддршка на руската војска настојуваат што поскоро да воспостават контрола над целата административна територија над рударскиот басен Донбас кој ги опфаќа Доњецкиот и Луганскиот регион, доминантно руски и рускојазични области, кои проруските сепаратисти значително ја контролираа по превратот во Киев во 2014 година. Северодонецк и блискиот Лисичанск, кои се на 80 километри од украинскиот административен центар Краматорси, се клучни за остварување на тој план.