Руските сили контролираат поголем дел од Северодонецк, вели украинскиот гувернер

Стратешки важниот град Северодонецк на работ од источната одметната проруска област Луганск, за чијашто контрола украинските сили даваат жесток отпор на проруските и руските сили, е во „голем дела“ под контрола на Русија, а блискиот град Лисичанск „претрпе големи разорувања“, соопшти во средата вечерта именуваниот украински гувернер на воената администрација Серхиј Хајдај.

Во објавата на социјалните мрежа Серхиј Хајдај, сепак, тврди дека нема шанси украинските трупи да бидат опколени во областа на Луганск. Руските сили сега контролираат 90 отсто од регионот, додал Хајдај, пренесува Reuters.

Руските сили „контролираат голем дел од Северодонецк. Индустриската зона сѐ уште е под наша контрола, таму нема Руси. Борбите се водат само на улиците од градот. Русите пукаат на сѐ. Ги уништуваат сите куќи во Северодонецк, со тенкови, со артилерија. Пукаат и на индустриската зона, исто така, но борбите се водат, нашите луѓе даваат отпор на улиците“, објави Хајдај на својот Telegram канал.

Претходно во средата Хајдај објави дека украинските специјални сили преминале во противофанзива од пред неколку дена и дека заземале речиси половина од градот, но дека „немало смисла да останат“ кога Русите започнале интензивно да гранатираат и да ја гаѓаат областа од воздух.

Соседниот град Лисичанск е целосно под контрола на украинската војска, но претрпел „силни и хаотични“ бомбардирања, додаде Хајдај. Ги обвини руските сили дека наводно „намерно“ ги гаѓаат болниците и центрите за дистрибуција на хуманитарната помош. „Пукаат со оружје со голем калибар, разорувањата се големи“, додаде украинскиот гувернер.

Москва претходно ги отфрли обвинувањата дека намерно гаѓа цивилна инфраструктура, но предупреди дека од почетокот на инвазијата украинските сили своите огнени позиции ги лоцираат токму во најчувствителните цивилни објекти.

Проруските сили со поддршка на руската војска настојуваат што поскоро да воспостават контрола над целата административна територија над рударскиот басен Донбас кој ги опфаќа Доњецкиот и Луганскиот регион, доминантно руски и рускојазични области, кои проруските сепаратисти значително ја контролираа по превратот во Киев во 2014 година. Северодонецк и блискиот Лисичанск, кои се на 80 километри од украинскиот административен центар Краматорск, се клучни за остварување на тој план.