Кредитната рејтинг агенција „Фич“ го потврди кредитниот рејтинг на земјава ББ+. Во извештајот се наведува дека ваквата оцена е поткрепена со кредибилните и конзистентни политики, поддржани од долгогодишната стабилност на девизниот курс на денарот. „Во извештајот е посочено дека влијанието од руско-украинскиот конфликт ќе се почувствува преку зголемување на нивото на домашните цени под влијание на повисоките увозни цени на енергентите и прехранбените производи со оглед дека тие сочинуваат над 50% од потрошувачката кошничка“, соопшти Народната банка на Македонија.
„Фич“ нотира дека соодветното ниво на девизни резерви, овозможи задоволување на потребната девизна ликвидност на почетокот на 2022 година. Девизните резерви се оценува дека ќе останат стабилни и понатаму, и соодветни да ја одржуваат стабилноста на денарот. Притисоците врз билансот на плаќања се оценуваат како привремени, а ризиците во надворешниот сектор се намалени со оглед на постојната можност за користење девизна ликвидност преку репо-линија кај Европската централна банка.
„Народната банка започна со внимателно „нормализирање“ на олабавениот карактер на монетарната политика преку зголемување на основната каматна стапка за 0,25 процентни поени. На тој начин, ќе се овозможи стабилизирање на инфлациските очекувања како и засилување на преференциите на граѓаните кон домашната валута“, информираат од НБРМ.
Од „Фич“ оценуваат дека банкарскиот сектор остана силен покрај пандемискиот шок и постепеното укинување на мерките на финансискиот сектор за „олеснување“ на финансискиот товар на домаќинствата и претпријатијата во текот на 2021 година. Притоа, рејтинг-агенцијата констатира соодветна капитализараност и профитабилност на банкарскиот систем, и солиден квалитет на кредитното портфолио. Следствено, банкарскиот систем е во добра кондиција за да продолжи да овозможува силна кредитна поддршка на економијата, што се потврдува и со податоците на почетокот на 2022 година. Во таа насока, рејтинг-агенцијата очекува економски раст на македонската економија, иако поскромен во однос на растот остварен во текот на 2021 година.