Казна затвор од три години за примање награда доби Зоран Милевски-Кичеец во случајот „Рекет“, кој вчера на почетокот на судењето го призна делото. Тој ќе остане во домашен притвор до правосилноста на изречената затворска казна.
Обвинителката Вилма Рускоска изјави дека казната за Кичеец е очекувана и оти откако ќе ја добие пресудата ќе реши дали ќе поднесе жалба.
Мислам дека е добра изречената санкција, но сепак откако ќе ја добијам пресудата ќе одлучам дали ќе поднесам жалба за висината на казната. Не очекував повисока казна, зашто сепак е голем распонот од една до десет години со оглед дека досега е неосудуван и особено што призна вина, рече Рускоска.
Бојан Јовановски и Катица Јанева се изјаснија дека не се виновни, па по признанието на Кичеец, судот ја одвои постапката, а рочиштето против Јанева и Боки 13 ќе продолжи на 6 декември.