Ќе почекаме да видиме дали Министерството за внатрешни работи (МВР) ќе отвори постапка за случајот „Мафија“, па ќе одлучиме дали ќе отвориме предмет по допрен глас, оти најпрво треба да ѝ се даде шанса на надлежната институција. Ова за Алфа го изјави јавната обвинителка за организиран криминал Вилма Русковска, а се однесува на аферата што вчера ја обелодени опозициската ВМРО-ДПМНЕ за најмалку двесте пасоши со украдени идентитети што им ги издало македонското МВР на познати балкански нарко-босови и криминалци.
– Ќе почекаме да видиме дали МВР ќе отвори постапка, па потоа ќе одлучиме дали ќе отвориме предмет по допрен глас. Сепак треба да се даде шанса на надлежната институција – изјави Русковска.
ВМРО-ДПМНЕ вчера брифираше дека полициската апаратура издала патни исправи со лажен идентитет во таканаречената афера „Мафија“ за водачот на озлогласениот Шкаљарски клан за трговија со дрога, Јован Вукотиќ и водачот на турската мафија Седат Пекер, кој до неодамна бил во државата, но повторно влегол и добил македонска лична карта.
„Спасовски најпрво треба да даде одговори како Седат Пекер и Јован Вукотиќ добиле македонски пасоши, а потоа и да си даде оставка, како ќе може Јавното обвинителство да отвори истрага против него, но и против Зоран Заев“, се вели во денешното соопштение на ВМРО-ДПМНЕ.