Сѐ ќе биде добро, само ќе напредуваме, порача Путин во новогодишното обраќање

Рускиот претседател Владимир Путин го повика сограѓаните да се обединат во новата година, во која исцрпувачката војна против Украина најверојатно ќе влезе во својата четврта година, порачувајќи им дека претстојат успеси.

„Сега, на прагот од новата година, размислуваме за иднината, уверени сме дека сѐ ќе биде во ред“, рече рускиот претседател.

Во три ипол минутното телевизиско обраќање со Кремљ во заднината, Путин истакна дека Русија во годината што завршува успеала да одговори на најтешките предизвици. Според него, претстојат уште многу работи кои треба да се решат, но дека Русите треба да бидат горди со она што веќе е направено.

Путин, исто така, им се обрати на војниците во прв ред на украинскиот фронт, истакнувајќи дека сега со нив се мислите и надежите на новите семејства и пријатели, на „милиони луѓе ширум земјата“. „Вие кои го преземавре овој голем товар се вистински херои, со чија храброст и смелост се гордее цела Русија“.

Рускиот претседател потсети притоа дека следната година ќе се прослави 80-годишнината од победата во Втората светска војна над нацизмот, што во Русија се нарекува Голема татковинска војна. Додаде дека во 2025 година во Русија е прогласена Година на бранителите на татковината.

„Ние, децата, внуците и правнуците на генерацијата којашто го сотре нацизмот, верни сме на заветите и традициите нашите ветерани“, истакна Путин.

Путин, исто така, нагласи дека Русија минала низ многу големи настани во првата четвртина од 21-от век благодарение на единството на нејзиниот народ.

„Земјата си постави пред себе големи цели и ги оствари“, рече рускиот претседател додавајќи дека Русите повеќепати во историјата ги надминувале предизвиците затоа што биле обединети. „Така се зацврстуваше нашето единство, нашата верба во себеси, во сопствените сили и способности“, додаде Путин.

„Останува многу малку до настапувањето на новата година, до нас се најблиските: нашето семејство, децата, родителите, внуците, нашите пријатели и нашите воени другари. Му посакувам благосостојба и напредок на секој наш дом, на секое наше семејство и на нашата сакана земја – Русија. Кога сме заедно, сѐ се остварува“, истакан Путин.

Новогодишното обраќање на Путин традиционално се емитува во сите региони и 11 временски зони на Русија пред полноќ по локално време како што постепени влегуваат во кон 2025 година, почнувајќи од Камчатка на Далечниот исток, каде веќе го видоа тамошните жители.

Минатата година Путин традиционално се обрати со снимка од Кремљ. Во 2022 година, новогодишните честитки беа снимени во седиштето на Јужниот воен округ во Ростов-на-Дон, на границата со Украина. Тогаш шефот на државата зборуваше опкружен со учесници во Специјална воена операција, како што Москва официјално ја нарекува инвазијата во соседната земја.