Покачувањето на минималната плата е предвидено, но висината не е сѐ уште утврдена, бидејќи во тек се консултации со коморите и работодавачите.
Ова е точниот став на Владата, по најавите на министерот за економија Крешник Бектеши дека минималецот ќе порасне на 15.500 денари, што повторно беше лиферуван како негово мислење.
Покачувањето на минималната плата на 15.500 денари предизвика лавина реакции во јавноста, особено меѓу стопанствениците.
Во очекување на конечната одлука колку ќе изнесува минималната плата, со ребалансот на буџетот предвиден за наредниот месец се предвидува мерката за субвенционирање на придонесите за покачувањето на платите во приватниот сектор до 100 евра. Веќе е дефинирано дека работодавачите ќе треба да плаќаат само персоналец, а останатите давачки ќе бидат на товар на државата. За оваа мерка, премиерот Зоран Заев викендов од собраниска говорница најави дека се планирани околу 40 милиони евра.
Дека парите се веќе предвидени во ребалансот, најави и новата министерка за финансии Нина Ангеловска во нејзиното прво интервју дадено за МИА.
Она што сега можам да ви кажам е дека пресметката е вклучена во ребалансот и сметам дека е добро тоа што мерката ќе овозможи малите и средни компании и воопшто компании да можат да дадат поголеми плати, а притоа да бидат ослободени од плаќање на придонесите, изјави Ангеловска.