И по 1,30 часот ноќта кон саботата продолжи расправата за разрешување на техничката министерка за труд и социјална работа, Рашела Мизрахи од редовите на опозициската ВМРО-ДПМНЕ.
Пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Трајко Димков, од собраниската говорнца ѝ се заблагодари на техничката министерка за труд и социјала Рашела Мизрахи за дадената лекција – како се сака сопствената држава. Посочи дека вистинската причина за барањето за нејзино разрешување не е таблата на која пишува Република Македонија, туку затоа што ги открила бројни криминални активности на нејзината претходничка Мила Царовска. Обраќајќи ѝ се на Мизрахи, Димков рече:
„Вие вечерва сами ги победивте СДСМ и нивната коалиција, вие сте новата Мирка Гинова. Со ова што го правите се гледа дека само декларативно сте се залагале за соживот. Од каде се овие фашизоидни идеи на една партија. Рашела Мизрахи е единствена Еврејка која сака да ѝ помогне на Македонија и ќе ги загрозите и односите со Израел“, рече Димков.
Собранието почна со заседавање во петокот во 19 часот и како што најави спикерот Талат Џафери, нема да прекине сѐ до распуштање, кое треба да се случи најдоцна во недела на полноќ.