Саботно мени во Нетпрес: Полнети компири и целуфки со кокос

За денешниот ручек ви предлагаме вкусни полнети компири со сланина и неверојатно вкусни целуфки со кокос.

Потребно:

4 големи компири

100 гр. сланина

8 ленти кашкавал

200 мл. кисела павлака

1 младо кромидче

Масло за јадење

Сол и црн пипер

Подготовка:

Во тавче на оган загрејте масло за јадење, па додадете ја исецканата сланина и оставете да се пропржи со постојано мешање. Откако сланината ќе се испржи, тргнете го тавчето на страна.

Компирите убаво измијте ги, па ставете ги во солена вода да се обарат. Откако малку ќе омекнат, извадете ги и исечете ги на половинки. Издлабете малку од средината на секоја половина компир, па додадете по една лента кашкавал и малку од пржената сланина. Наросете сол и црн пипер по желба.

Компирите ставете ги во намрсена тава за печење и печете 30тина минути на температура од 180 степени целзиусови.

Испечените полнети компири наредете ги во чинија за сервирање. На средина на чинијата ставете подлабок мал сад со кисела павлака, исецкајте го зелениот дел од младото кромидче на ситни кругови и наросете врз павлаката.

10013610_10202362466037875_2003253623_n

За десерт послужете слатки, мали целуфки со кокос.

Целувки од кокос

Потребно:

4 жолчки

100 г шеќер

1 ќесичка ванилин шеќер

200 г кокосово брашно

4 белки

Подготовка:

Пенесто изматете ги жолчките, шеќерот и ванилин шеќерот. Додадете го кокосовото брашно и на крај лефтерно измешајте го цврстиот снег од белките. Со чајна лажичка обликувајте мали купчиња и редете ги во тавче обложено со масна хартија за печење. Целувките печете ги околу 20 минути во рерна загреана на 150 степени. Целувките од кокос послужете ги со свежно сварено кафе.