Соединетите држави дополнително го ограничија извозот на полупроводнички чипови и опрема во Кина, а Пекинг одговори со забрана на извозот на галиум, германиум и антимон, клучни суровини за технолошкиот сектор.
Целта на новите американски мерки е „дополнително да се ограничи способноста на Кина за производство на софистицирани полупроводници кои можат да се користат во новата генерација оружени системи и во вештачката интелигенција, како и во напредни компјутери, со значителна воена примена“, се вели во соопштението на Бирото за индустрија и безбедност при Министерството за трговија на САД.
Мерките вклучуваат „нови механизми за контрола на извозот за 24 категории на опрема за производство на полупроводници и три типа софтверски алатки за развој и производство на полупроводници вклучени во кинеската модернизација на војската“, се додава во соопштението.
Ограничувањата стапија на сила во понеделникот и вклучуваат проширена листа од 100 кинески компании со барање да добијат дозвола за испорака на стоки.
Списокот сега вклучува и „фабрики за полупроводници, компании за опрема и инвестициски компании кои работат по налог на Пекинг во извршување на цели во софистицираниот сектор на чипови кои претставуваат безбедносен ризик за САД и сојузничките држави“, соопшти канцеларијата на американското Министерство за трговија.
„Потегот е кулминација на насочените политики од кабинетите (претседателот Џо) Бајден и (потпретседателката Камала) Харис… насочени кон ограничување на способноста на Кина самостојно да произведува напредни технологии кои претставуваат ризик за нашата национална безбедност“, изјави министерката за трговија Џина Раимондо.
Новите механизми за контрола на извозот ја нагласуваат „централната улога“ на Министерството за трговија во американската стратегија за национална безбедност, додаде Раимондо.
Пекинг одговори во вторникот со забрана за извоз на „производи со двојна намена“ од галиум, германиум, антимон и супертврди материјали во САД, се вели во соопштението на кинеското Министерство за трговија.
„Начелно гледано нема да биде дозволен извоз на галиум, германиум, антимон и супертврди материјали во САД“, заклучуваат од Министерството.
Одлуката стапи во сила веднаш по објавувањето.
Уште во август минатата година Пекинг и пропиша на домашните компании да добијат лиценци за извоз на група метални производи кои се користат во производството на полупроводници. Мерките опфатија 14 производи од галиум и германиум, а Пекинг ги оправда и со заштита на националната безбедност и интереси.
Списокот вклучува соединенија што се користат во производството на полупроводнички диоди, транзистори и интегрирани кола. Германиумот уште се користи и во инфрацрвената технологија, оптичките кабли и соларните ќелии.
Со цел да се заштитат националната безбедност и интереси, Министерството побара и построга анализа за крајна употреба на производите од графит со двојна намена што се испорачуваат во Соединетите држави.