Американски функционери ја повикуваат Украина засега да се воздржи од секакви офанзивни операции против Русија додека не го добие новиот пакет помош и не биде обучена украинската војска, објави во петокот агенцијата Reuters цитирајќи официјален претставник на американската администрација,
Неименуваниот соговорник на агенцијата, исто така, додал дека Вашингтон во моментов цврсто се придржува до својата одлука да не ѝ ги испорачува своите тешки офанзивни тенкови „Abrams“ во услови кога сѐ уште не е јасна ситуацијата со Германија околу дозволата за испораки на нејзините тенкови „Leopard 2“ на Украина.
Само во изминатите речиси 11 месеци од почетокот на руската инвазија во Украина, САД испратија оружје и воена опрема во износ од повеќе од 26,7 милијарди долари, меѓу кои и повеќецевните ракетни системи со долг дострел HIMARS, ракетните системи за противвоздушна одбрана „земја-воздух“ NASAMS, преносни противтенковски и противавионски системи „Javlin“ и „Stinger“, оклопни борбени возила, хеликоптери, огромни количества разна муниција.
Најновиот пакет, објавен во четвртокот вечерта, во вредност од 2,5 милијарди долари вклучува 59 оклопни борбени возила „Bradley“, покрај 50-те лесни оклопни возила од истиот тип, чиешто испорачување беше најавено на 6-ти јануари, како и 90 транспортни оклопни возила „Stryker“ коишто на Украина „ќе ѝ дадат две оклопни бригади“, се наведува во соопштението од Пентагон.
Американската војска, покрај тоа, во Украина ќе пренесе и уште 53 противмински оклопни возила MRAP и 350 транспортери М998 познати како „Humvee“.
Оваа нова пратка, сепак не ги опфаќа тешките борбени тенкови „Abrams“ како што бара Киев, коишто Вашингтон сѐ уште не е подготвен да ги испорача објаснувајќи дека со тоа нивното одржување би било тешко за Украина и барало голема логистичка поддршка. Воените аналитичари посочуваат дека овие возила трошат многу гориво, нивното снабдување ќе биде лесна цел на руските воздушни сили.
САД на Украина, исто така, ќе ѝ испратат и резерви од ракети за веќе испорачаните системи NASAMS и HIMARS од кои не е познато уште колку се во функција, осум противвоздушни системи со кус дострел „Avenger“ и илјадници парчиња разна муниција.
Генерал Мили: Украина тешко ќе ги истисне руските сили до крајот на годината
Главниот командант на американската војска, генералот Марк Мили, изјави во петокот во Рамштајн дека на Украина ќе ѝ биде тешко оваа година да ги протераа сите руски сили, имплицирајќи дека војната ќе продолжи и следната 2024 година.
Зборувајќи по завршувањето на состанокот во американската воздухопловна база Рамштајн во западна Германија на кој учествуваа министрите за одбрана на западните сојузници поддржувачи на Украина во нејзината војна против Русија и главните команданти на војските на земјите членки на НАТО а на која не беше донесена главната одлука за испраќање на германските тенкови „Leopard 2“, началникот на Здружениот штаб на американската војска Марк Мили рече дека Украина тешко ќе успее оваа година да ги исфрли сите руски сили.
„Од воена гледна точка, оваа година ќе биде многу тешко да се исфрлат сите руски сили од сите делови на Украина под руска окупација“, истакна генералот Мили.
„Иако е неопходно време за да се опреми Украина за пролетта кога ќе продолжат борбите во полн интензитет, Украина е добро опремена, дури и без Leopard-ите… Украина не зависи од една платформа“, изјави американскиот министер за одбрана, Лојд Остин.
Рече дека Германија е сигурен сојузник и дека ќе продолжи да го извршува водството, и покрај тоа што Берлин сѐ уште не го одобрува испораките на тенковите од германско производство на Украина.
„Тие се сигурен сојузник, такви се веќе многу, многу долго и јас навистина верувам дека и натаму ќе бидат доследен сојузник“, додаде Остин.
Германија, и покрај тоа што мнозинството нејзини граѓани се противат на тоа, е под голем притисок на сојузниците да дозволи испораки на тенковите за Киев. Но Берлин го условува тоа со решението на САД да ги испорачаат во Украина и своите тешки тенкови „Abrams“, кои Вашингтон сѐ уште не е подготвен да ги испорача објаснувајќи дека со тоа нивното одржување би било тешко за Украина и би барало голема логистичка поддршка.
Воените аналитичари посочуваат дека овие американските „Abrams“ трошат многу гориво и на Украина ќе има проблеми и со логистиката и нивното сервисирање, па нивното снабдување ќе биде лесна цел на руските воздушни сили, а некои предупредуваат дека се претешки на мократа почва каква што се очекува во претстојниот период. Од друга страна, пак, германските „Leopard 2“ се сметаат за идеални, бидејќи ги поседуваат многу европски земји, што значи дека може да го споделат товарот за опремување на Украина.
Берлин тврди дека не добил барање од сојузниците
Германија, според меѓународните договори за трансфери на оружја, исто така, допрва треба да даде дозвола за сојузниците кои ги поседуваат тенковите „Leopard 2“, како на пример Полска, Финска или Литванија, да ѝ ги предадат на Украина. Меѓутоа, официјален Берлин во петокот истакна дека сѐ уште не примил ниедно формално барање од земјите кои искажале желба да ги испратат тенковите, иако од Варшава рекоа дека ќе го сторат тоа и без одобрување од германската влада.
Германскиот канцелар Олаф Шолц инсистира дека Берлин ќе дејствува само со консензус и во договор со сојузниците, што е став кој во петокот го повтори и неговиот нов министер за одбрана Борис Писториус.
„Постојат добри причини за испорака (на тенковите), а постојат и добри причини против. Имајќи предвид на севкупната ситуација во војната којашто трае речиси една година, мора многу внимателно да се одмерат сите предности и недостатоци. Јасно е дека нема единствен став. Впечатокот, кој повремено се создава, дека постои оформена коалиција и дека Германија стои на патот е погрешен“, додаде Шолц.
Канцеларот рече дека Германија ќе почне да ги подготвува тенковите за да бидат подготвени за испорака, доколку сојузниците за тоа успеат да се договорат.
Засега не е јасно кои земји освен Германија се противат на испораките. Но повеќе западни функционери, исто така, ја истакнаа загриженоста, имајќи ги досегашните случувања на боиштето, дека руската војска може да го зароби и ова напредно западно оружје и да ја дознае неговата технологија што ќе ѝ овозможи да направи ефикасно оружје за нивно уништувње.
Од почетокот на војната владата на Шолц повеќепати изразуваше претпазливост, повикувајќи се на децениското правило Германија поради нејзиното мрачно минато од двете светски војни, да не испраќа оружје во зоните на конфликти, во однос на испраќањето напредни системи оружје, но на крајот под притисок, во прв ред од САД, сепак ги испорачуваше.