Владата на сирискиот претседател Башар ал-Асад ги повика меѓународните инспектори да испратат свој тим во Сирија за да го истражат наводниот напад со хемиско оружје во градот Дума, пренесува Reuters оценувајќи дека станува збор за потег чија цел е да се отстрани можноста за воена акција со којашто се заканува Западот кој априори ја обвини владата во Дамаск.
Според различни информации, за кои агенциите јавуваат дена не можат да се проверат од независни извори, загинале меѓу 49 и 60 луѓе. Американскиот претседател Доналд Трамп навести „брз и силен“ одговор, откако ќе се утврди одговорноста за споменатиот наводен напад, иако според неговите изјави се чини дека не се сомнева дека зад него стојат силите на владата на Башар ал-Асад. Но многумина сметаат дека станува збор за продолжување на контекстот на меѓународно демонизирање на Русија по инцидентот со нервен гас во англиски Солзбери и уште повеќе поради зацврстувањето на силите на Асад во областа околу главниот град Дамаск, откако над 140.000 луѓе меѓу кои многу исламистички борци со нивните семејства ја прифатија владината понуда да се префрлат на северот од Сирија.
Сириската влада и Русија, како и Иран, тврдат дека нема никакви докази дека воопшто се случил напад со гас, и дека обвиненијата се лажни. Интригантно е, исто така, што наводниот напад следуваше на самиот крај од една од најжестоките владини офанзиви кога веќе сириската армија започна продор и чистење на Источна Гута, каде што се наоѓа Дума. Овие случувања повторно го врати вниманието на меѓународната заедница, особено Западот кој по судирот со Турција во северна Сирија ги загуби позициите за влијание на сириското боиште.
Организацијата за забрана на хемиското оружје (OPCW), со седиште во Хаг, започна со далечинско утврдување што се случило во Дума. Но сѐ уште не е јасно дали инспекторите на OPCW, како што предложи Русија која нуди гаранција за безбедноста со своите сили не теренот, ќе се обидат да дојдат во Сирија. Некои земји кои се противат на таквата акција, велат дека при некои други мисии на оваа организација при други два нерешени наводно хемиски напади, инспекторите биле нападнати. Инаку ОPCW во 2016 година објави дека нејзините инспектори потврдиле дека целиот хемиски владин арсенал е изнесен од Сирија.
Франција во вторникот соопшти дека ќе одговори доколку се докаже дека за нападот во Дума се одговори силите на Асад, но и во изјавата на Париз не е јасно како тоа ќе биде утврдено. Секој одговор, веројатно, би бил координиран со САД.