
Американскиот Стејт департмент во понеделникот оцени дека Шведска и Финска се подготвени да му се приклучат на НАТО, откако по инцидентот со палењето на светата муслиманска книга Куранот во близина на турската амбасада во Стокхолм, претходно во понеделникот турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган порача дека Шведска не треба веќе да очекува поддршка од Анкара за своето членство.
Портпаролот на Стејт департментот, Нед Прајс, изјави за новинарите дека „палењето на книгите кои се за многумина свети е чин на длабоко непочитување“, додавајќи дека „нешто може да биде законито, но и многу лошо“.
Откако пред два викенда во Стокхолм се одржа и протестен собир за поддршка на Работничката партија на Курдистан (PKK), која од 1980-те години води сепаратистичка војна со турската држава и е ставена на листата терористички организации на Турција, но и на САД и на Европската унија. Тогаш учесниците на протестот изведоа симболично бесење на кукла со ликот на турскиот претседател Ердоган, минатиот викенд во близина на турската дипломатска мисија беше запален Куранот.
Шведските власти му дадоа дозвола на Расмус Палудан, антиисламски политичар и активист од соседна Данска да одржи помал собир иако најави дека на него ќе ја запали светата книга на муслиманите.
Анкара и пред инцидентот го предупреди Стокхолм дека давањето дозвола за одржување на настанот за кој претходно беше најавено палењето на светата книга на муслиманите штетно ќе влијае врз односите меѓу двете земји. Турското министерство за надворешни работи соопшти дека овој чин сведочи за нивото на исламофобија, расизам и дискриминација во Европа.
„Доколку шведските власти толку многу ги почитуваат правата и слободите, тогаш, пред сѐ, треба да ги почитуваат верските чувства на Турската Република и на сите муслимани. Ако не ја покажете оваа почит, тогаш, простете, но од нас нема да добиете нималку поддршка за влез во НАТО“, додаде Ердоган во обраќањето до нацијата состанокот на турската влада.
Шведска, како и соседна Финска, го очекуваат ратификувањето на нивното барање за членство во НАТО уште само од Унгарија, која најави дека тоа ќе го стори во февруари, како и од Турција. Но Анкара последните седмици и двете нордиски земји го обвинува дека не исполниле речиси ништо од трилатералниот договор потпишан во јуни во Мадрид на самитот на Алијансата со кој треба да се исполнат турските барања во борбата против тероризмот.