Соединетите држави и натаму се посветени на повлекувањето од Авганистан и ќе настојуваат во следните седмици да евакуираат што е можно повеќе американски државјани и авганистански соработници, изјави во вторникот портаролот на Пентагон, Џон Кирби.
„Остануваме доследни во довршувањето на повлекувањето на сигурен и уреден начин. Ќе сториме сѐ што можеме за да извлечеме што е можно повеќе американски државјани, како и многу од соработбници и преведувачите“, кои им помагале на американските трупи, изјаи Кирби во интервјуто за американската телевизиска мрежа MSNBC.
„Ќе работиме многу силно следните седмици за да извлечеме од земјата што повеќе луѓе“, додаде портпаролот на американското министерство за одбрана.
Кирби во истото интервју истакна дека САД веруваат дека има капаците за извлекување на пет до девет илјади луѓе дневно од Кабул, додавајќи дека се верува дека 5.000 до 10.000 американски државјани останале во областа на авганистанската престолнина.
Три бази во САД се подготвени да примат 22.000 авганистански соработници во текот на следните седмици, истакна Кирби во друго интервју, дадено за телевизијата CNN. Според него, во последните 24 часа повеќе од 700 луѓе, меѓу кои 150 американски државјани, се евакуирани од Кабул.
Аеродромот во авганистанскиот главен град е отворен и летовите се одвиваат, но постојат одредени безбедносни проблеми поврзани со јужната страна на воздушното пристаниште, вели портпаролот на Пентагон. Кирби порача и дека САД брзо ќе одговорат на секој напад врз своите луѓе и операцијата на извлекување на кабулскиот аеродром.
Истовремено во вторникот Стејт департментот соопшти дека САД ќе продолжат со дипломатското присуство во Кабул и истовремено ќе ја забрзаат евакуацијата на илјадници Авганистанци кои имаат право на специјална имиграциска виза. САД моментно разговараат со талибаните во Кабул и во катарска Доха, каде се водат мировни преговори, јавија американските медиуми.
На преостанатите Американци во Кабул официјален Вашингтон им порача да се засолнат на местата каде што се наоѓаат во моментот и да не патуваат до аеродромот.
„Имаме намера да продолжиме со дипломатското присуство во Кабул, додека тоа е безбедно за нас, и е одговорно од наша страна“, изјави Нед Прајс, портпарол на Стејт департментот.
Според него, од неделата навечер целиот персонал од амбасадата на САД бил пренесен до меѓународниот аеродром „Хамид Карзаи“, чиј периметар е обезбеден од американските војници.
Додаде дека Пентагон „работи деноноќно на обнова на позитивна контрола над аеродромот за американските воени авиони и патнички авиони да можат да слетуваат и полетуваат“.
Околу седум илјади американски војници добија дозвола за нераспоредување во Авганистан за пружање помош и евакуација на цивилниот персонал на САД и сојузниците, како и на Авганистанците кои се во опасност. Половина од таа бројка војници пристигна вчера.
Според Стејт департментот, во изминатите седмици во САД биле донесени две илјади кандидати и членови на нивните семејства за специјална имиграциска виза.
Американскиот претседател Џо Бајден во понеделникот вечерта издвои 500 милиони долари итна помош за бегалците од Авганистан.
Администрацијата беше подложена на жестоки критики откако талибаните за само неколку дена ги зазедоа клучните градови во земјата. Претставници од двете партии, Демократската и Републиканската, го осудија пристапот на САД за намалувањето на военото присуство во земјата.