Соединетите држави ѝ испраќаат на Украина уште два ракетни система од типот „земја-воздух“ овој тип од моделот NASAMS, четири противартилериски радари и 150.000 парчиња артилериски муниција со калибар од 155 милиметри, што е дел од најновиот пакет вооружување во износ од 820 милиони долари за Киев, објави во петокот Пентагон.
Овој пакет воена помош во четвртокот го најави американскиот претседател Џо Бајден во Мадрид по состанокот со челниците на државите членки на НАТО, на кој се дискутираше најмногу за војната Украина, а Русија во новиот десетгодишен Стратешки концепт е опишана како „најголема и директна закана за безбедноста на сојузниците и за мирот и безбедноста на ероатлантското подрачје“.
Пентагон ги објави дополнителните поединости, откако најавата стана официјална. Пакетот ќе вклучува и дополнителна муниција за артилериските ракетни системи со долг дострел и висока мобилност HIMARS.
Целта на американското најново вооружување на Киев е да се спречи бавното но континуирано напредување на силите на проруските сепаратисти помогнато од руските единици кои активно ја користат артилеријата.
Русија го зголеми бројот на ракетни напади врз украинските градови во западниот и централниот дел кои досега не беа цели, откако нејзините сили постигнаа успеси на источните боишта во обидот да биде присилен Киев да ја предаде власта над двете проруски одметнати покраина, откако украинските власти не ги исполнија обврските до мировните договори од Минск од 2014 и 2015-та, на кои гаранти беа и Франција и Германија, на Луганск и Доњацк да им дадат широка автономија во рамките на Украина.
Наспроти тоа, по осум години, на 22-ри февруари годинава, Москва ја призна нивната самопрголасена независност по превратот во Киев во 2014 година поддржан од Западот, и два дена подоцна го започна она што го нарекува „специјална воена операција“ во Украина, образложувајќи ја одлуката со сознанијата дека украинската армија околу 8-ми март планирала голема офанзива против мнозинското руско и рускојазично население во југоисточната област Донбас.