САД ги поддржаа украинските протести

САД ги поддржуваат украинските демонстранти и нивната иднина во Европа, а Владата треба да ги слуша аспирациите на народот, изјавил висок дипломат во Киев, пренесе „Франс прес“.

„Ние стоиме до народот на Украина, кој ја бара својата иднина во Европа“, истакнала помошник државната секретарка Викторија Нуланд, на состанок на ОБСЕ во Киев.

„Ја повикуваме украинската Влада да го слуша гласот на народот кој сака да живее на слобода. Ова е моментот на Украина. Исполнете ги аспирациите на народот или ќе го разочарате, а тоа претставува ризик и ќе ве внесе во хаос и насилство“, додала Нуланд.

Нуланд ги претставува САД на средбата на Организацијата за безбедност и соработка во Европа во Украина, откако државниот секретар Џон Кери ги откажа плановите да учествува на состанокот, поради одлуката на Киев да го одложи договорот за асоцијација со Европската унија.