Администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден во средата ги врати Хутите на списокот терористички групи, изјавија американски официјални лица, додека Европската унија нема да го стори тоа, бидејќи веќе се воведени санкции за јеменските бунтовници и промената во категоризацијата би била тешка.
Американските неименувани функционери за Reuters рекле дека целта на враќањето на листата, која наметнува строги санкции за шиитската јемнеска заедница која е поврзана со Иран, е да се прекине протокот на оружје и пари што Хутите ги користеле за напад или киднапирање бродови во Црвеното Море.
Нападите на Хутитите само врз бродови кои пловат кон или сопственички се поврзани со Изрраел, а уште повеќе американските и британските напади врз нивните позиции во Јемен, ја нарушија глобалната трговија, предизвикаа стравувања од растење на инфлацијате и ја продлабочија загриженоста дека последиците од израелската војна наводно против палестинската исламистичка група Хамас би можеле да го дестабилизираат Блискиот исток.
„Овие напади одговараат на школската дефиниција за тероризам“, рекол еден од тројцата функционери од администрацијата на САД кои ги информирале новинарите пред официјалното соопштение под услов да останат анонимни.
Списокот, последниот обид на Вашингтон да ги запре нападите врз бродови, доаѓа откако американски и британски воени авиони, бродови и подморници извршија серија воздушни напади минатата седмица против Хутите, кои го контрилираат најголемиот дел на Јемен.
Хутите се под санкции на Европската унија и Обединетите нации од 2022 година, изјави во средата портпаролот на Европската служба за надворешни работи. Против нив беа воведени санкции поради нападите на трговските бродови во Црвеното Море. Групата е обвинета и за напади врз цивили и цивилна инфраструктура во Јемен и за угнетување на работните и политички активни жени, иако досега за тоа не се презентирани докази и конкретни обвиненија.
Важечките санкции конкретно имаат цел да ги замрзнат сите средства и економски ресурси на Хутите во Европската унија и да забранат нивно испраќање до групата. Посебната категоризација на Хутите како терористичка милиција, пред сѐ, би имала симболична вредност во ЕУ и би била тешко да се спроведе. Причината за ова е што за вклучување на европската листа на терористички групи потребна е одлука на национален суд или налог за забрана од управен орган, што не е потребно за нормални санкции.
Движењето Хути, кое тврди дека целта на нападот на комерцијалните бродови поврзани со Израел е да ги поддржи Палестинците во израелската војна во Газа, се закани со „силен и ефективен одговор“.
Нападите се дел од поширокиот одговор на конфликтот во Газа од страна на таканаречената „Оска на отпорот“, која ги вклучува Хутите, Хамас, Хезболах од Либан, ирачките шиитски милиции поврзани со Иран.
Воената коалиција предводена од Саудиска Арабија интервенираше во Јемен во 2015 година за да ги поддржи владините сили кои се борат против Хутите во она што се сметаше за прокси војна меѓу американскиот сојузник Саудиска Арабија и Иран. Меѓутоа, откако коалицијата од 33 муслимански сунитски земји немаше особени воени успеси против Хутите а претрпе неколку сериозни удари, како и по затоплувањето на односите со Техеран, Ријад од пред три години ги запре воените активности во Јемен.
Хутите се побунија во 2014 година против јеменската влада која ја обвинија дека е попустлива на сунитската терористичка организација Ал Каеда која контролираше големи делови од Јемен. Во своето брзо напредување го заземаа главниот град Санаа кој сѐ уште го држат под контрола, како и најголемиот пристанишен град Аден од кој подоцна беа истиснати.
Изминатите години, силно поддржани од Иран, се судираа со сунитската коалиција предводена од Саудиска Арабија. Меѓутоа, од избувнувањето на војната по 7-ми октомври во Појасот Газа меѓу Израел и радикалното палестинското исламистичко движење Хамас, Хутите ги прекинаа непријателствата со околните арапски сунитски земји, и контролирајќи го поголемиот дел од Јемен со седмици го отежнуваат пловењето низ теснецот Баб ал-Мандаб на југот на Црвеното Море. Солидирајќи се со Палестинците, Хутите предупредија дека ќе ги гаѓаат сите бродови кои пловат кон Израел или се во сопственост на израелски компании. Движењето се заканува дека ќе продолжи со нападите врз израелските бродови во Црвеното и Арапското Море додека не престанат непријателствата во Појасот Газа.
Нападите врз комерцијалните бродови од почетокот на војната меѓу Израел и Хамас на 7. октомври ги поттикнаа големите бродски компании да ги пренасочат своите бродови во јужниот дел на Африка, и покрај повисоките трошоци за гориво за долгите патувања. Црвеното Море е „автопат“ што го поврзува Медитеранот со Индискиот Океан, а со тоа и Европа со Азија. Секоја година низ Суецкиот канал минуваат околу 20.000 бродови, што претставува околу 40 отсто од светската трговија.
Белата куќа го обвинува Иран дека е вклучен во планирањето на нападите на Хутите, бидејќи им обезбедува „софистицирана воена опрема“ и „разузнавачка помош“, без која јеменските бунтовници тешко би ги забележале и погодиле бродовите. САД, исто така, иницираа формирање меѓународна поморска коалиција којашто ќе ја гарантира безбедноста на комерцијалната пловидба во Црвеното Море, и досега американсите воени бродови повеќепати соборуваа бесполитни летала и проектили чиешто лансирање им се припшишува на Хутите.