САД ги задржаа рестрикциите за меѓународните патувања

Соединетите држави ќе ги задржат во моментов постојните рестрикции за меѓународните патувања, и покрај барањата за реципроцитет кои особено доаѓаат од Европската унија, соопшти во понеделникот портпаролката на Белата куќа, Џен Псаки.

„Ги задржуваме на овој степен постојните рестрикции за патувањата“, рече Псаки на редовниот брифинг за медиумите, правдајќи ја таквата одлука во прв ред со брзото ширење на делта варијантата на коронавирусот „тука и во странство“.

Иако земјите од Европската унија одлучија да ги отворат своите граници за Американците, под услов да се вакцинирани против Covid-19 или имаат активен негативен тест на коронавирусот, САД веќе цела година имаат затворени градници.

Канада, исто така, се реши повторно да ги отвори своите граници од 9-ти август за американските државјани и за оние кои имаат постојан престој во САД под услов да се целосно вакцинирани против коронавирусот.

Вашингтон на почетокот од јуни објави дека формира работни групи со Канада, Мексико, ЕУ и Велика Британија кои ќе се занимаваат со прашањето на меѓународните патувања.

Американскиот Центар за контрола и превенција на болестите (CDC) предупреди во понеделникот во врска со патувањата во Шпанија, Португалија, Куба, Кипар и Киргистан, поради големото зголемување на бројот на заразените во овие земји за кои предупредувањето на подигнато на нивото 4, односно највисокото. Шпанија, пак, од своја страна уште во јуни ги отвори границите за американските туристи.

Кога станува збор за Израел, Газа и Западниот брег, CDC изрази загриженост поради растечкиот број случаи на Covid-19 во овие подрачја, и го подигна преупредувањето за патувањата таму на нивото 3, односно високо. Во јуни CDC го намали предупредувањето за патувања во Израел на нивото 1.

На нивото 3 предупредување за патувања во понеделникот е ставена и Ерменија.

Одлуката за одржување на рестрикциите за патувања бездруго ќе влијае врз американските воздухопловни компании и врз туристичката индустрија кои се надеваа на подобро лето од минатото. Авионските компании со месеци лобираат да се укинат мерките за патувања.

САД во моментов го забрануваат влезот за повеќето неамерикански државјани кои последните 14 дена престојувале во Велика Британија, во 26-те земји од Шенгенската зона или во Ирска, во Кина, Индија, Јужноафриканската Република, Иран и Бразил.

Запрашан на 15-ти јули на заедничката прес-конференција со германската кацеларка Ангела Меркел за тоа дали САД ќе ги укинат рестрикциите за патувањата од Европа, американскиот претседател Џо Бајден рече дека „ќе може да одговори на тоа прашање по неколку дена“. Од таа прес-конференција, бројот на заразените со коронавирусот во САД постојано расте.