Во САД е издаден првиот американски пасош „Х“ (икс) кој нема да го идентификува сопственикот како маж или жена, а се планира оваа опција за неутрален пол да им се овозможи на сите апликанти за патната исправа од следната година, соопшти Стејт департментот.
„Со нетрпение очекуваме да им ја понудиме оваа опција на сите апликанти за пасоши откако ќе ги завршиме потребните ажурирања на системот и формуларите на почетокот на 2022 годин“, наведе во соопштение портпаролот на Стејт департментот Нед Прајс.
Покрај пасошите, ознаката X ќе биде достапна во сите конзуларни извештаи за раѓање во странство (CRBA) – потег што веројатно ќе им овозможи на родителите да изберат родово неутрална ознака за новороденчињата, додаде официјалниот претставник.
Според Прајс, промената на политиката има за цел „подобро да им служи на сите граѓани на САД, без оглед на нивниот родов идентитет“.
Според соопштението, ознаката ќе се применува за небинарни, интерсексуални и полово неидентификувани лица кои аплицираат за американски пасош или CRBA.