САД го потврдија но го правдаат нападот во Сирија во кој биле убиени 80 цивили

Американската армија првпат го потврди воздушниот напад во Сирија изведен во 2019 година во кој загинале 80 луѓе, главно жени и деца, но тврди дека нападот бил оправдан бидејќи биле убиени борци на џихадистичката организација Исламска држава кои ги напаѓале коалициските сили, пренесува во неделата весникот The Guardian.

Потврдата за нападот Централната команда на американските сили дојде откако весникот The New York Times, повикувајќи се на поранешни и сегашни претставници на Пентагон, објави во саботата дека американската војска го прикривала нападот како можно воено злосторство. Но Централната команда тврди дека некои жени и деца биле вооружени и пристапиле до Исламската држава, без разлика дали биле индоктринирани или по сопствен избор, и оти тие „не можеле стриктно да бидат класифицирани како цивили“.

Според истрагата која ја спровел NYT, во март 2019 година американски борбен авион од типот „F-15““, по наредба на тајна оперативна група на американските специјални сили под ознаката Task Force 9, фрлил две бомби врз маса луѓе на поле близу местото ел-Багуз, главно жени и деца кои се обидувале да избегаат од борбите на брегот на Еуфрат. Според весникот, најмалку 70 луѓе загинале во овој воздушен напад, но последователните рапорти и извештаи ја минимизирале штетата, независната истрага била замрзната а за нападот не било јавно објавено.

Претходно седмицава весникот заедно со собраните информации побарал коментар од Централната команда. Од таму ги признале конкретниот напад и рекле дека во тоа бомбардирање загинале 80 луѓе, но сметаат оти нападот бил оправдан. Според американската војска, во воздушниот напад биле ликвидирани 16 борци на Исламската држава и четворица цивили. Во однос на другите жртви, рекле дека не е можно да се утврди дали биле теротисти или цивили.

Нападот бил изведен на 18-ти март 2019 година крај градот Багуз на реката Еуфрат која ја формира сириско-ирачката граница, каде што Сириските демократски сили (SDF), со американска воздушна поддршка ги опколиле последните џебови на Исламската држава во тој дел на сириската територија. Според написот на весникот, масата лица кои се движеле во полето биле идентификувани како цивили од американско беспилотно летало управувано од Катар. Во текстот се наведува дека операторите на беспилотното летало биле запрепастени кога виделе дека „F-15Е“ ја фрлил првата бомба со 500lb а потоа и четири пати помоќната фрлена врз преживеаните.

Во текстот натаму се наведуваат и цитати од документите и од снимката на операторите, како и поединости од текот на истрагата на правниот застапник на воздухопловните сили. Во подоцнежниот извештај нападот воопшто не бил споменуван и високите американски воени функционери со умисла и систематски го забошотувале нападот. Дури се споменува дека цивилниот аналитичар во канцеларијата на генералниот инспектор кој се пожалил на пропусти, бил принуден да ја напушти работата.