Соединетите држави одлучија да ги ублажат нафтените санкции против Венецуела, со образложение за постигнат договор меѓу властите во Каракас и венецуелската опозиција која ја поддржува Вашингтон, а според аналитичарите сметаат дека потегот се однесува на севкупните состојби со енергенсот на американскиот и на глобалните пазари.
Како што соопшти во саботата американското Министерство за финансии, всушност, со специјална лиценца ѝ се дозволува во период од шест месеци на домашната енергетска компанија „Chevron“ да вади нафта и да произведува нафтени деривати во Венецуела, како и со нив да го снабдува пазарот во САД
„Лиценцата ја овластува … продажбата, извозот или увозот во САД на нафта или нафтени деривати произведени од заедничките претпријатија со Chevron, под услов нафтата и нафтените деривати да се произведени од заедничките вложувања на Chevron прво да бидат продавани од Chevron“, се наведува во објавата.
Од министерството појаснуваат дека оваа мерка „ја одразува долгорочната политика на САД за насочено олеснување на санкциите, заснована на конкретни чекори кои ја олеснуваат положбата на народот на Венецуела и го поддржуваат обновувањето на демократијата“.
Но лиценцата не овозможува плаќање на даноци или по уделите на владата на Венецуела, ниту плаќање на дивиденди на венецуелската државна нафтена компанија PDVSA или на кој и да е друг субјект кој директно или индиректно поседува 50 или повеќе отсто од акциите. Исто така, не се дозволуваат никакви трансакции кои вклучуваат правно лице на територијата на Венецуела, кое е во сопственост или со контролен пакет од правно лице се седиште во Русија.
Истовремено, како што за медиумите изјави висок претставник на Белата куќа, Вашингтон го задржува правото како дополнително да ги ублажи санкциите против Венецуела, така и да ги заостри.
Претходно во Мексико претставници на власта и на опозицијата најавија продолжување на преговорите, како и постигнување ткн хуманитарен договор кој се однесува на образованието, здравството, сигурноста на храната и санирање на штетите од поплавите, договор за програмата за снабдување со енергија, како и намерите за одржување на дијалогот за организацијата на изборите во 2024 година.
Во периодот меѓу 2014 и 2020 година, поради американските санкции, Венецуела загуби 98,6 отсто од вкупните странски девизни приходи. Придонесите на државната енергетска компанија PDVSA во изминатите седум години се намалени од 56,609 милијарди долари на само 73,4 милиони долари годишно, или за повеќе од 99 отсто.
На почетокот од 2019 година во Венецуела започнаа протести против власта на левичарскиот претседател Николас Мадури, набрзо откако се одржа инаугурацијата за неговиот нов мандат. Опозицискиот политичар Хуан Гваидо, претседател на Националното собрание во кое мнозинството го има опозицијата, на сигнал од Вашингтон се самопрогласи за привремен претседател. Под притисок на САД во таа улога го признаа неколку десетици западни и сојузнички земји, но таа иницијатива за промена на власта во Венецуела без избори претрпе неуспех, како и неколкуте обиди за атентати врз Мадуро и обидите за воени инвазии на платеници и паравоени формации.
Мадуро тогаш ја доби поддршката од Русија и Кина, кои имаат свои енергетски и воени стратешки интереси во Венецуела, како и од Турција и редица други земји.