САД и ЕУ ја прекинаа трговската војна

Американскиот претседател, Доналд Трамп и претседателот на Европската Комисија, Жан-Клод Јункер се согласија да работат на укинување на царинските давачки и намалување на трговските бариери.

Ова беше многу голем ден за слободната и фер трговија.Денес се согласивме заедно да работиме во насока на укинување на царинските давачки, нецаринските бариери и грантови за неавтомобилските индустриски производи, изјави Трамп.

Трамп додаде дека е договорена соработка со цел да се намалат бариерите и да се зголеми трговската размена во полето на услугите, хемикалиите, фармацијата, медицинските производи, како и сојата, но и дека Европа ќе го зголеми купувањето на природен плин од САД.

Имавме конструктивен состанок, накратко додаде Јункер.

Тој додаде дека преговорите ќе го решат проблемот и со високите царини кои САД ги воведе за челикот и алуминиумот од Европа, како и дека се договориле дека нема да воведат нови царини за време на разговорите.

Берлин го поздрави трговскиот договор помеѓу Брисел и Вашингтон.

Германската влада го поздравува договорот за конструктивен пристап во трговијата. ЕК може да продолжи да се потпира на нашата поддршка, соопшти портпаролката на германската Влада, Улрике Демер.