САД и ЕУ разгледуваат воведување ограничувања за извозот во Кина по примерот на антируските

Претставници на САД им сугерираат на колегите од Европската унија да разгледаат воведување ограничувања на извозот насочени кон Кина, користејќи го искуството од санкциите воведени против Русија поради нејзината војна во Украина, пишува агенцијата Bloomberg повикувајќи се на свои извори.

Според сознанијата на агенцијата, ваквиот предлог ќе биде изнесен во текот на правењето на агендата за следниот трговски форум на високо ниво меѓу САД и ЕУ, кој ќе се одржи на почетокот од декември.

„Сојузниците соработуваат за да го ограничат извозот во Москва, а администрацијата на (американскиот претседател Џо) Бајден ја истражува можноста за користење на некои од истите методи за споделување информации и координација на спроведувањето за зајакнување на сопствените билатерални ограничувања за извозот во Кина“, појаснил соговорникот на Bloomberg кој зборувал под услов да остане анонимен.

Иако ЕУ не е склона да размислува за примена на истиот пристап кон Кина како и кон Русија, бидејќи околностите се различни, еден од соговорниците на агенцијата истакнал дека некои земји предлагаат да се проучи кои добра може да ги користи Пекинг за да ги зајакне своите воени капацитети за да биде ставено ембарго на нивниот извоз.

„Некои земји членки, меѓу кои и Германија, предложија блокот да го преиспита својот пристап кон Кина, бидејќи Пекинг станува сѐ помалку партнер или конкурент, а сѐ повеќе ривал“, се наведува во статијата на Bloomberg.

Кинескиот министер за надворешни работи Ванг Ји неодамна во телефонскиот разговор со американскиот државен секретар Ентони Блинкен посочи дека Вашингтон ги прекршил правилата за слободна трговија со воведување на новиот режим за контрола на извозот за Пекинг.

На почетокот од октомври, американското Министерство за трговија означи уште 31 кинеска компанија како недоверливи во однос на снабдувањето со технолошки производи. Беше објасните дека од причини кои не зависат од министерството, да ја провери „добронамерноста“ на тие компании како краен потрошувач на високотехнолошкиот извоз од САД.