САД и ЕУ разгледуваат забрана за увоз на руска нафта

САД и нивните партнери во Европската унија разгледуваат воведување забрана за увоз на руска нафта, изјави во неделата американскиот државен секретар Ентони Блинкен, сепак истакнувајќи ја важноста од стабилност на глобалното снабдување со нафта.

„Во многу активни разговори сме со нашите европски партнери за забрана на увозот на руската нафта во нашите земји, секако, со истовремено одржување на стаблиното глобално снабдување со нафта“, изјави Блинкен во интервјуто за американската телевизиска мрежа NBC News.

Блинкен, кој во моментов е на турнеја по европските земји за со нивните челници да го координира новиот пакет санкции против Русија поради нејзината офанзива во Украина, додаде дека разговарал за увозот на нафта со американскиот претседател Џо Бајден и неговиот кабинет претходно во саботата.

Американскиот државен секретар го коментираше ова прашање откако седмицава цените на нафтата остро скокнаа откако САД и нивните сојзунции воведоа дополнителни санкции против Русија. Вашингтон воведе санкции на извозот на технологии за руските рафинерии и за гасоводот Северен тек 2, кој сѐ уште не е пуштен во употреба иако од крајот на минатата година беше целосно завршен и покрај американските санкции.

Засега сѐ уште не се целат руската нафта и гасот, имајќи предвид дека администрацијата на Бајден сѐ уште го проценува влијанието на таквата одлука врз глобалниот нафтен пазар и цените на енергенсите, првенствено во САД.

Запрашан дали САД ја отфрлиле можноста за унилатерална забрана за увозот на руската нафта, Блинкен рече дека ништо нема да биде отфрлено, но дека во сето она што го прави Вашингтон „пристапот почнува со координација со сојузниците и партнерите“.

САД се најголемиот светски потрошувач на бензини поради тамошните големи автомобили, големите растојание кои се минуваат и недоволниот јавен сообраќај во некои области. Растот на цените на бензините отсекогаш било чувствително прашање за америкаснките политичари.