Блинкен истакна дека посветеноста на Америка за одбрана на Јужна Кореја и Јапонија останува силна и ја повтори важноста од блиска трилатерална соработка за да се бара одговорност од Северна Кореја за нејзиното неприфатливо однесување.
Денес, за прв пат по пет години, нуклеарно вооружената Северна Кореја истрела балистичка ракета над Јапонија, со што ги предупреди своите граѓани да се засолнат. Јапонската влада издаде предупредување до граѓаните додека ракетата ја прелета земјата, пред да падне во Тихиот Океан.
Токио соопшти дека нема преземено одбранбени мерки за уништување на ракетата, прва што прелета над островите од 2017 година.
„Серијата акции на Северна Кореја, вклучително и повторените лансирања на балистички ракети, го загрозуваат мирот и безбедноста на Јапонија, регионот и меѓународната заедница и претставуваат сериозен предизвик за целата меѓународна заедница, вклучително и Јапонија“, рече владиниот портпарол Хирозаку Мацуно.
Воениот штаб на Јужна Кореја соопшти дека се чини дека станува збор за проектил со среден дострел лансиран од севернокорејската провинција Јаганга. Пјонгјанг веќе ја искористи областа за лансирање на своите ракети, вклучително и неколку за кои тврдеше дека биле хиперсонични.
Јапонската телевизија Асахи, повикувајќи се на неименуван извор од владата, објави дека ракетата паднала на околу три илјади километри од Јапонија.
Поради севернокорејската ракета во прекин е железничкиот сообраќај во северните региони на Јапонија, јави јапонската телевизија НХК. Ракетните и нуклеарните програми на Северна Кореја се забранети со резолуциите на Советот за безбедност на Обединетите нации.
ЕУ го осуди лансирањето ракета од Северна Кореја како неоправдана агресија
Претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел денеска „остро” го осуди севернокорејското лансирање на балистичка ракета што прелета над Јапонија, нарекувајќи го „неоправдана агресија”.
Ова лансирање ракета, што го поттикна Токио да го активира својот систем за предупредување, „е намерен обид” да се загрози безбедноста на регионот, напиша Мишел во твит.
„Европската унија е во солидарност со Јапонија и Јужна Кореја”, додаде тој.