Соединетите држави објавија дека ги евакуирале своите вработени од амбасадата во Судан, а Франција своите дипломати ќе ги евакуира во недела бидејќи судирот на спротиставените воени фракции во оваа земја не покажува знаци на попуштање.
Американскиот претседател Џо Бајден изјави дека САД привремено ја запираат работата на амбасадата во Картум, но дека остануваат со суданскиот народ и го повтори апелот за воспоставување примирје.
„Завојуваните страни мора да применат моментален и безусловен прекин на огнот, да овозможат непречен хуманитарен пристап и да ја почитуваат волјата на суданскиот народ“, рече Бајден.
Снимките емитувани на телевизиите покажуваат густ чад кој сѐ уште се извива над суданската престолнина Картум, како и на блиските речиси споени градови Бахри и Онбдурман, додека се слушаа истрели од разни правци.
Борбите избувнаа во главниот град Картум и други делови на земјата на 15-ти април, четири години откако во народен бунт беше соборен долгогодишниот автократ Омар ал-Башир.
Суданската војска, водена од генералот Абдел Фатах ал-Бурхан сега води борби со паравоените Сили за брза поддршка (RSF) водени од генералот Мохамад Хамдан Дагало, попознат по прекарот „Хемедти, со кој заедно го извршија државниот удар во 2021 година. Меѓутоа, влегоа во конфликт во текот на преговорите за формирање на цивилната влада и интеграцијата на борците на RSF во вооружените сили на Судан. Досега во судирите загинале повеќе од 400 луѓе, според локални извори.
Двете страни не ги почитуваат примирјето за коешто се преговара речиси секојдневно, вклучително и тридневното примирје за муслиманскиот празник Рамазански бајрам кој започна во петокот. Интензивните борби продолжиле околу воениот штаб во центарот на Картум и аеродромот, кој е затворен поради судирите.
Од РСФ во неделата соопштија дека нивните сели биле под воздушни удари во населбите Кафура и Бајри и дека десетици се „убиени и ранети“. „Остро го осудуваме ова предавничко однесување кои не е во согласност со прогласената обврска за 72-часовно примирје“, истакнаа од паравојската во соопштение за медиумите.
Борбите ги потопија надежите за воспоставување цивилна власт во Судан, ја доведоа веќе осиромашената земја на работ од хуманитарна катастрофа и се заканија со поширок судир кој би можел да ги вовлече во себе и надворешните сили од регионот.
Секое стивнување на борбите би можело да ги забрза очајничките обиди на населението од Картум да побегне од градот, откако веќе со денови се заробени во своите домови и населби и со вооружени лица кои патролираат по улиците. И дипломатите и странските државјани, исто така, настојуваат да излезат од суданската престолнина.
Американските функционери изјавија дека специјалните сили со авиони, како и со хеликоптерите „MH-47 Chinook“ влегле во Картум во саботата од американската база во Џибути и биле само еден час приземјени за да извлечат помалку од 100 луѓе.
Крис Мејер, помошник на министерот за одбрана, изјави дека американската војска би можела да користи беспилотни летала или сателитски снимки за да ги идентификува заканите за Американците кои се упатиле преку копнените рути за излез од Судан или да постави поморски средства во суданско пристаниште за да им помогне на американските државјани да стасаат до таму.
Заменикот на државниот секретар за управување Џон Бас изјави дека некои Американци и други странски државјани успешно минале по копнената рута од Картум до Порт Судан на Црвеното Море, што според него се чинело тешко патување имајќи го предвид недостигот од горива, храна и вода.
Саудиска Арабија веќе ги евакуираше своите државјани од Порт Судан, на околу 650 километри од Картум. Јордан истата рута ќе ја користи за евакуацијата на своите државјани.
Египет, кој има повеќе од 10.000 свои државјани во Судан, ги повика оние кои се надвор од Картум да се упатат во египетскиот конзулат во Порт Судан и во конзуларното преставништво во Вада Халфа, на границата со Египет, додека во тек се подготовките за нивна евакуација. Според египетските власти, тоа ги охрабрило оние кои останале во Картум да се засолнат и да сочекаат ситуацијата да се подобри.
Покрај од Картум, извештаи за големо насилство доаѓаат и од Дарфур, западен регион на границата со Чад каде во 2003 година избувна страшен судир со над 300.000 мртви и околу 2,7 милиони раселени луѓе.