САД испраќаат дополнителни сили и воена опрема во Саудиска Арабија

САД ќе испратат дополнителни единици и воена опрема во Саудиска Арабија, објави Пентагон во петокот во потег кој се оценува како предупредување за Иран.

Одлуката е донесена по телефонскиот разговор меѓу американскиот министер за одбрана Марк Еспер и саудискиот престолонаследник принцот Мохамед бин Салман.

„Тоа се дополнителни 3.000 војници, чиј престој е продолжен или одобрен минатиот месец… САД не сакаат конфликт со иранскиот режим“, се наведува во соопштението на Пентагон.

Од мај годинава САД распоредија околу 14.000 војници на различни позиции ширум Блискиот исток. Последните сили беа распоредени кон крајот на септември по нападот врз саудиските нафтени постројки, за кои Вашингтон го обвини Техеран, иако одговорноста ја преземнаа проиранските јеменски бунтовници Хути против кои Саудиска Арабија води воени операции од март 2015 година предводејќи ја арапската сунитска коалиција.

Со новите американски единици во Саудиска Арабија се сака „да им се испрати пораката на Иранците: не ги напаѓајте другите суверени држави, не им се заканувајте на американските интереси и американските сили или ќе одговориме. Не ја сфаќајте погрешно нашата воздржаност како слабост. Доколку го сторите тоа, ќе зажалите“, порача Еспер говорејќи пред новинарите во американското министерство за одбрана.