САД официјално ја повикаа Германија заедно со Франција и Велика Британија да учествува во обезбедувањето на трговските активности во Ормускиот теснец, соопшти денеска американската амбасада во Берлин.
„Официјално ја поканивме Германија да им се придружи на Франција и Велика Британија во обезбедувањето на Ормускиот теснец и во борбата против иранската агресија“, рече портпаролката на амбасадата Тамара Сернберг-Грелер.
„Членовите на германската влада јасно ставија до знаење дека слободата на навигација мора да биде заштитена“, рече Сернберг-Грелер. „Прашање е кој ќе ја заштити“.
Одмаздничката заплена на Иран на британскиот брод Стена Имперо и панамскиот МТ Рија во Ормускиот теснец, стратешка рута меѓу Иран и Оман, ја натера Велика Британија да предложи започнување на поморска безбедносна операција во регионот.
Фунтата во пад како што се зголемуваат шансите за брегзит без договор
Британскиот премиер Борис Џонсон во понеделникот ја однесе Велика Британија уште поблиску до брегзит без договор, инсистирајќи на тоа дека нема да одржи разговори за излезот од Европската Унија со лидерите на блокот, освен ако ЕУ не се согласи да го отвори постојниот договор за излез, особено во врска со ирскиот дел.
Во такви услови, фунтата падна на најниско ниво во однос на еврото во последните две години, бидејќи инвеститорите почнаа да стравуваат дека Велика Британија ќе ја напушти ЕУ на крајот на октомври без договор околу условите за излез.
Фунтата падна за повеќе од 1 процент на 1,10 € и 1,22 американски долари – најниско ниво во однос на доларот во 28 месеци.
При посетата на Шкотска Џонсон ја повтори пораката што ја кажа многу пати откако стана премиер минатата недела. „Договорот за излез е мртов и мора да се отфрли“, рече тој.
Но, тој изрази оптимизам дека може да се постигне нов договор.
Џонсон рече дека ЕУ мора да се откаже од идејата да ја задржи ирската граница отворена. Во тој случај Велика Британија ќе мора да остане усогласена со царинските правила на ЕУ. Џонсон се обидува да изврши притисок врз ЕУ да попушти со интензивирање на подготовките Велика Британија да го напушти блокот за три месеци без договор.
Меѓутоа, 27-те други членки на ЕУ јавно и приватно стојат на ставот дека нема да се прегова за договорот за излез, вклучувајќи го и ирскиот дел.