САД ја запреа помошта за Пакистан, кој возврати со прифаќање на јуанот

САД објавија во четвртокот дека ја запираат безбедносната помош за пакистанската армија од која побараа „решително дејствување“ против талибанските групи кои имаат засолништа и бази во оваа земја којашто теоретски е американски сојузник во борбата против тероризмот, а гневните пакистански власти одлучија големиот обем на трговија со Кина отсега да го вршат во нејзината валута јуанот наместо во американски долари.

Портпаролката на американската дипломатија, Хетер Науерт не го наведе износот на блокираната помош, но рече дека таа сума се придодава на 255 милиони долари веќе укината воена помош.

Администрацијата на претседателот Доналд Трамп во август го извести Конгресот дека сериозно размислува за укинување на помошта во износ од 255 милиони долари годишно, чијашто исплата уште тогаш доцнеше. Имено во јули САД соопштија дека на Исламабад треба да му исплатат 900 милиони долари, од кои 550 милиони веќе му биле исплатени на Пакистан.

„Потврдуваме дека ја запираме помошта за безбедност на Пакистан во оваа фаза. Сѐ доделка пакистанската влада не преземе решителни чекори против авганистанските талибани и мрежата Хакани, а мислиме дека вториве го дестабилизираат регионот и го напаѓаат американскиот персонал (во Пакистан), САД ќе ја запрат овој вид безбедносна помош“, додава во писмената изјава портпаролката на Стејт департментот.

Одлуката доаѓа неколку дена по заканите на претседателот Трап кој остро ја најави можноста од укинување на финансирањето за оваа цел, што го разлути Исламабад.

„САД последните 15 години глупаво дале 33 милијарди долари помош за Пакистан, а тие за возврат не дадоа ништо освен лаги и дволичност, мислејќи дека нашите челници се будали. Тие им даваат сигурно засолниште на терористите кои ги ловиме во Авганистан, без нивна помош. Доста беше!“, напиша Трамп.

Претходно централната банка на Пакистан објави дека официјално ќе го замени американскиот долар со кинескиот јуан во трговијата со Пекинг, како реакција на обвинувањата од Вашингтон дека Исламабад им помага на терористите да се засолнуваат на неговата територија. Државната банка на Пакистан (SBP) објави дека сите аранжмани за користење на кинеската национална валута за билатералната трговија и инвестициите меѓу двете земји е воспоставено .

Кина, чијшто удел во увозот во Пакистан изнесува 28 отсто, го поддржа извештајот за борбата против тероризмот објавен од официјален Исламабад, велејќи дека земјата „направила големи напори и жртви во борбата против тероризмот“ и ја повика меѓународната заедница „потполно да го признае тоа“.

Во Пакистан е лоциран еден од централните инфраструкурни проекти на Пекинг вреден приближно 60 милијарди долари, во кој се комбинирани копнени и поморски проекти познати како Кинеско-пакистански економски коридор (CPEC).