Американските разузнавачки служби наводно утврдиле дека руската армија им нудела пари на талибаните во Авганистан за убиства на американски војници, пишувa весникот The New York Times (NYT) во изданието од петокот, но официјален Вашингтон не коментира, додека Москва потсетува дека токму разузнавањето на САД во времето на советската инвазија во Авганистан го консолидираше и вооружуваше радикалното исламистичко движење Талибан, како и дека преку нив ја контролира трговијата со наркотици и денес.
Официјална Москва и талибаните одвоено во саботата беа решителни во негирањето на написите на американскиот весник.
Според написот на The New York Times, анонимни функционери рекле дека разузнавачката служба на руската армија ГРУ наводно давала пари на исламистичките борци и криминалци „блиски на талибаните“ за да убиваат американски и војници на НАТО во Авганистан.
Во написот на весникот, кој инаку е декларирано жесток противник на републиканскиот претседател и веројатно главна цел е тој, се истакнува и дека наводно американскиот претседател Доналд Трамп бил известен за наводните руски парични награди, како и Обединетото Кралство чии војници наводно, исто така, биле цел на напади.
Не е познато кој случај на 20-те американски војници загинати во борбите во Авганистан во текот на минатата 2019 година е под сомневање, пишува уште The New York Times.
Белата куќа, Централната разузнавачка агенција (CIA) и директорот на Националната разузнавачка агенција не сакале за агенцијата Reuters да го коментираат написот на The New York Times.
Москва и талибаните во саботата засебно ги демантираа наводните информации на The New York Times.
„Ова примитивно информативно ѓубре јасно ги покажува ниските интелектуални способности на пропагандистите во американската разузнавачка служба“, напиша во изјавата руското министерство за надворешни работи, пренесе руската новинска агенција РИА.
„Овие неосновани и анонимни обвинувања дека Москва стои зад смртните случаи на американските војници во Авганистан веќе доведоа до тоа да бидат директно загрозени животите на вработените во руските амбасади во Вашингтон и во Лондон“, објави на Twitter руската амбасада во САД.
Во одвоената порака руската амбасада го повикува весникот The New York Times да „престане да шири лажни информации“ и бара од американските власти да „преземат делотворни мерки“ за заштита на нејзиниот персонал.
Исламскиот Емират порача дека го почитува договорот со САД
И талибаните кои се борат со авганистанската влада во Кабул откако беа соборени со американската инвазија во 2001 година, решителни се во негирањето на веста објавена во The New York Times.
„Светата војна којашто Исламскиот Емират (како што се нарекуваше Авганистан во времето на талибанската власт од 1996 до 2001 година) ја води веќе 19 години, нема никаква врска со која и да е разузнавачка служба или со странска земја“, се истакнува во соопштението кое го цирира агенцијата AFP.
Авганистанските бунтовници ги негираат и некои претходни американски обвинувања дека наводно добиваат руско оружје. За волја на вистината, кога во 1980-те години тогашниот Советски сојуз интервенираше во Авганистан за поддршка на тамошната комунистичка Народна демократска партија во борбата со муџахедините од кои настана движењето Талибан, муџахединските борци биле отворено вооружувани со организирање на конгресмени на САД, како и од владите на Саудиска Арабија, Пакистан, Египет и редица други муслимански земји.
„Исламскиот Емират користи оружје, објекти и средства (…) кои веќе биле во Авганистан или биле воен плен одземен од непријателот во борба“, истакнуваат талибаните кои потсетуваат дека импровизираните експлозивни направи се главната причина за најголемита американски загуби во човечка и материјална сила во Авганистан.
Талибаните воедно истакнуваат и дека и натаму го почитува договорот потпишан на 29-ти февруари во катарската престолнина Доха со САД со кој се предвидува прекин на нападите врз странските војници, кои за возврат постепено ќе се повлечат од Авганистан до пролетта 2021 година. Талибаните главно престанаа да ги напаѓаат странските војници, и под притисок на САД разменуваат заробеници со владата во Кабул која ја сметаат за марионетска на Западот, но и натаму изведуваат акции против авганистанските безбедносни сили на кои на теренот им помагаат силите на НАТО.
Иако движењето Талибан е забрането и во Русија, Москва во 2019 година бепе домаќин на преговори за воспоставување мир во Авганистан, со учество на нивен претставник. Русија е загрижена поради ситуацијата во Авганистан поради близината на нејзините граници и сфера на влијание во централна Азија, како и поради нелегалната трговија со наркотици од Авганистан.
Дали разузнавањето на САД не е задоволно од примирјето во Авганистан
Советот за национална безбедност на САД на Белата куќа, кој според написот на оваа тема дискутирал во март, американското министерство за одбрана и канцеларијата на директорот на американската разузнавачка заедница, која опфаќа дваесетина агенции, во саботата не сакале за руската агенцијата ТАСС да ги коментираат наводите на The New York Times за наводната руска понуда за награда на авганистанските милитанти за убиства на американските војници.
„Ние не ги коментираме наводните внатрешни дискусии во Советот за безбедност“, одговорил шефот на службата за односи со јавноста на ова тело Џон Елиот, на барањето на дописникот на ТАСС да ја коментира споменатата статија, како и реакцијата на руските власти.
„Немаме што да ви одговориме во врска со ова прашање“, изјавиле и од канцеларијата на директорот на Националната разузнавачка служба на САД. Ист одговор агенцијата добила и од прес-службата на Пентагон.
Во саботата руското министерство за надворешни работи за ТАСС одговорило дека споменатиот напис е „депонија на американските разузнавачи“. Во одговорот на руската дипломатија се повторува дека „овој прост истрел јасно ги илустрира ниските интелектуални способности на пропагандистите во американското разузнавање“ и се додава дека поради тоа „тие (американските разузнавачи) наместо да измислат нешто поверодостојно, се принудени да излегуваат со таквите глупости“.
Руското министерство за одбрана притоа ги истакнува повеќегодишните извештаи за улогата на американските разузнавачи во трговијата со дроги од Авганистан.
Од Москва посочуваат и дека ваките активности можеби се поврзани со фактот дека на американските раузнавачки служби „не им е по волја, тоа што нашите (руските) и нивните (американските) дипломати заеднички придонесуваат за започнувањето на мировните преговори меѓу Кабул и талибаните“.