Американските власти постојано ги предупредуваат командантите на украинската војска дека нивните напади врз руската нафтена инфраструктура може да предизвикаат глобално зголемување на цените на енергијата, објави во петокот „Фајненшл тајмс“.
Вашингтон, наводно, е загрижен дека тоа би можело да ја загрози кандидатурата за реизбор на Џо Бајден.
Белата куќа е „сè пофрустрирана од дрските украински напади со беспилотни летала“ врз руските рафинерии, терминали и друга нафтена инфраструктура, цитира британскиот весник еден од своите извори.
Приговорите на Вашингтон доаѓаат неколку месеци пред претседателските избори во САД, каде што „Бајден се соочува со тешка битка за реизбор оваа година со раст на цените на бензинот, зголемени за речиси 15% оваа година“, забележува весникот.
„Ништо не го плаши актуелниот американски претседател како порастот на цените на горивата за време на изборна година“, изјави поранешниот советник за енергија во Белата куќа, Боб Мекнали, за ФТ.
Украинската безбедносна служба (СБУ) и воената разузнавачка служба (ГУР) стојат зад низата неодамнешни напади, пишува весникот. Предупредувањата од Вашингтон беа директно доставени до високи функционери во тие агенции, велат изворите.
Киев, наводно, ги оправдувал нападите со тврдењето дека тие го поткопуваат снабдувањето со гориво за војниците на првата линија и го погодуваат профитот на Москва од трговијата со нафта. Тие, исто така, „задаваат симболичен удар со приближување на војната до Москва“.
Некои извори, исто така, сугерираат дека Киев ја користи стратегијата за да изврши притисок врз Вашингтон да одобри 60 милијарди долари предложена помош за Украина.
Саботажните операции би можеле да ја намалат понудата на глобалниот пазар на нафта и да ги зголемат цените, наводно им рекле Американците на украинските власти. Москва, исто така, би можела да го затвори гасоводот CPC, кој оди од Казахстан до руското пристаниште Новоросијск и го користат гигантите на западните фирми ExxonMobil и Chevron, соопшти ФТ.
Според официјалните изјави и извештаите на медиумите, оваа година имало најмалку десетина значајни напади врз руската нафтена инфраструктура од страна на украинските сили. Тие започнаа со нападот на 18 јануари на терминал во Санкт Петербург. Еден од последните инциденти се случи во регионот Самара, каде украински дрон минатата сабота предизвика пожар во рафинерија.