САД најавија развој на проектили за спротиставување на „заканите“ од Русија и Кина, Москва предупредува

Американскиот балистички проектил со среден дострекл „Pershing II“/ © AP Photo / Thomas Kienzle

Соединетите држави имаат намера да развиваат и тестираат ракетни системи, кои беа забранети со веќе напуштениот Договорот за елиминација на проектилите со среден и мал дострел (INF – Intermediate Nuclear Forces Treaty), правдајќи го тоа со навдоните закани од Русија и Кина.

Ова го соопшти на крајот од вонредното заседание на Советот за безбедност при ОН по прашањето за најновите американски ракетни тестирања, привремениот амбасадор на САД во Обединетите нации, Џонатан Коен.

„Активностите на Русија и Кина доведуваат до ерозија во безбедносната сфера. САД немаат намера да ја игнорираат оваа ситуација. Нема да седиме со скрстени раце и ќе ги преземеме неопходните мерки за да ја осигуриме нашата безбедност и безбедноста на нашите сојузници, ова вклучува и тестирања и развој на системи за да се спротиставиме на заканите со кои се соочуваме“, рече Коен.

Русија, пак, преку својот вршител на должноста амбасадор во ОН, Дмитриј Полјански, на истото заседание на Советот за безбедност предупреди дека „светот е на еден чекор од неконтролираната трка во вооружување“ поради геополитичките амбиции на САД.

Дипломатот, исто така, истака дека американските сојузници поради премолчувањето на дејствијата на Вашингтон „чекор по чекор се враќаат од истроската несигурна ситуација, кога кон европските градови од разни страни беа насочени ракети“. „Од своја страна, ние нема да бидеме првите коишто ќе прибегнеме кон ваква мерка“, додаде Полјански.

Истовремено истакна дека не останува „многу време“ до остварување на споменатата ситуација, бидејќи „американските колеги јавно ги тријат рацете, и кај нив преовладува желбата да покажуваат мускули“. Полјански потцрта дека Русија е загрижена поради таквата ситуација. „Но американските колеги, се чини, не се“ загрижени, додаде.

Загриженоста на американските сојузници во Европа поради одлуката на Вашингтон минатата година ја подгреа и изјавата на рускиот претседател Владимир Путин дадена кон крајот на октомври 2018-та, во којашто предупреди дека американското повлекување од договорите за разоружувања, како што е договорот за поседување нуклеарно оружје со среден и кус дострел, ќе доведе до трка во вооружувањето и до извонредно опасна ситуација, и ги предупреди европските земји дека може да станат цел доколку на своја територија разместата американски стратешки проектили. Рускиот претседател тогаш предупреди дека „главното прашање е што САД ќе сторат доколку се повлечат“ од договорот INF. „Доколку разместат ракети во Европа, тогаш мораме да одговориме на ист начин“, порача Путин.

Претходно седмицата Пентагон објави дека на 18-ти август САД првпат по напушетњето на договорот INF тестирале крстосувачка ракета од копнена платформа со карактеристики забранети со споменатиот договор, односно дострелот на проектилот бил поголем од 500 километри. Покрај тоа, министерството за одбрана на САД објави дека планира да тестира компен балистички проектил слиен на ракетата „Pershing II“.

Американските прокетили „Pershing II“ беа уништени до 1991 година, согласно договорот INF кој во 1987 година го потпишаа тогашните лидери американскиот и последниот советски челник, Роналд Реган и Михаил Горбачев. Договорот INF беше потпишан на 8-ми декември 1987 година, а стапи на сила на 1-ви јуни 1988 година. Со него беа опфатени распоредените и нераспоредените проектили со помал дострел, од 500 до 1.000 километри, и со среден дострел, од 1.000 до 5.500 километри.

Aмериканскиот претседател Доналд Трамп ланскиот 20-ти октомври најави дека САД предвидуваат излегување од Договорот. Како причина за одлуката Вашингтон го истакнува наводното руско кршење на договорот, што Москва го отфрла и за истото ја обвинува американската страна, предупредувајќи оти изгледа дека САД се подготвуваат за војна. Руската страна, исто така, предупреди дека американското повлекување од договорите за ракетните програми ќе предизвика трка во вооружувањето.