Цените на нафтата на светските пазари би можеле да пораснат за 40 отсто, односно на околу 140 долари за барел, доколку не биде прифатена предложената горна граница на цената на руската нафта, заедно со изземањето од санкциите што би овозможило испораки под таа цена, изјави за Reuters висок функционер на американското министерство за финансии.
Американската министерка за финансии Џенет Јелен ќе разговара за спроведувањето на предложената горна граница на цената на нафтата со јапонскиот министер за финансии Шиничи Сузуки на состанок подоцна во вторникот.
Целта е да се постави цената на нивото коешто ги покрива руските маргинални трошоци на производство, за Москва да биде поттикната да продолжи да ја извезува нафтата за да нема недостиг на меѓународните пазари, затоа што руските барели не можат да бидат заменети без поголеми потреси на пазарите. Меѓутоа, според планот на Вашингтон, цената не би требало да овозможи добивки за Русија.
Јапонските функционери, пак, изразија загриженост поради прениската горна граница на цената на руската нафта која ја предлага Вашингтон, но веднаш не го отфрлаат потенцијалниот распон на цените од 40 до 60 долари по барел, рекол за Reuters неименуваниот американски функционер.
Заменикот претседател на рускиот Совет за безбедност, поранешниот шеф на државата и премиер, Дмитриј Медведев, минатаа седмица предупреди на континуиран енормен раст на цените на енергенсите, доколку се остварат обидите на земјите од Г7 да се изгради механизам за ограничување на цените на руската нафта, и предупреди дека на светските пазари цената на барелот може да достигне вреднсоти меѓу 300 и 400 долари.
Земјите на Г7 на неодамнешниот самит во Германија објавија дека се согласиле да разгледаат сеопфатна забрана за услуги за транспорт на руската нафта и нафтени деривати по поморски пат ширум светот, доколку не се купува по цена договорена со меѓународните партнери или поевтино.
Западните медиуми, повикувајќи се на официјални претставници од ЕУ, минатата седмица пишуваа дека Германија и некои други земји членки на затворен состанок изразиле загриженост за можното ограничување на цените на руската нафта, во заднината на објавата на Г7, особено што најголемите светски производители на нафтата предупредуваат дека нема да биде можно целосно на пазарите да бидат заменети руските барели. Во Берлин објавија дека таквиот предлог бил додаден во заедничкото соопштение под притисок на Вашингтон, а следниот ден американскиот амбасадор побара предлогот да се третира „реално“.
Уште во април Организацијата на земјите извознички на нафта (OPEC) ѝ порача на Европската унија дека сегашните и идните санкции против Русија може да го создадат еден од најголемите шокови на пазарите на нафта, како и дека картелот не може да ги замени руските количества и дека нема да го зголеми своето производство. Би можело да дојде до губење од 7 милиони барели руска нафта и други енергенси на дневно ниво, поради моменталните и идните санкции и други акции, предупреди генералниот секретар OPEC, Мохамад Баркиндо од Нигерија.
Цените на руските фосилни горива за извоз се во просек за 60 отсто повисоки од минатата година, а некои земји, како Кина, Индија и Обединетите Арапски Емирати, го зголемиле увозот на фосилни горива од Русија
Аналитичарите сметаат, пак, дека Индија и Кина би можеле да го попречат спроведувањето идејата на земјите од групата Г7 за ограничување на цената на руската нафта со ангажирање на своите бродови за нејзиниот извоз. Според аналитичарите , тоа на Русија би ѝ овозможило да ги заобиколи мерките на земјите од Г7 и Европската унија, бидејќи овие две земји, односно нивните бродови и компаниите во кои се регистрирани, на увозниците би им пружале услуги на осигурување и транспорт.