САД од Германија веројатно ќе повлечат 9.500 војници, Полска ги очекува

Американскиот претседател Доналд Трамп ќе нареди веројатно во септември повлекување на речиси 9.500 американски војници од Германија, изјавил во петокот за Reuters неименуван висок американски функционер, оценувајќи дека тоа веројатно ќе предизвика загриженост во Европа.

Со ваквиот потег на Вашингтон, бројот на американските војници стационирани на територијата на Германија би се намалил на 25.000.

Американскиот функционер кој сакал да остане анонимен, рекол дека овој потег е резултат на повеќемесечната работа на претседателот на Советот на генералштабовите на вооружените на САД, генералот Марк Мили, и тоа не е поврзано со тензиите меѓу американскиот претседател Доналд Трамп и германската канцеларка Ангела Меркел која го спречи обидот на Трамп во јуни да биде домаќин на самитот на групата Г7 во проширен состав, во прв ред со Русија.

Друг висок американски функционер рекол дека 9.500 војници ќе бидат испратени на други локации, во Полска и другите сојузнички земји, а некои ќе се вратат дома. Трет извор тврди дека намалувањето на бројот американски војници во Германија е дел од меморандумот кој неодмана го потпишал советникот на Трамп за национална безбеднсот Роберт О’Брајан.

„Тоа е уште една услуга за (рускиот претседател Владмир) Путин и уште еден неуспех кој дополнително ги оптоварува односите со нашите сојузници“, оценува сенаторот од Демократската партија, Џек Рид.

Белата куќа соопшти дека Трамп „континуирано ја преиспитува најдобрата употреба на воените сили на САД“. Портпаролот на Советот за национална безбедност на Белата куќа, Џон Јулијот, изјави дека САД се посветени на соработката со Германија во одбраната и другите прашања.

Во саботата полските функционери ги истанкаа своите надежи дека делот од американскиот контингент ќе биде префрлен од Германија во Полска, како што имаше претходни навестувања, во рамките на „зајакнувањето на источното крило на НАТО“ кон границите со Русија.

Во разговорот за радиото RMF запрашан за коментар на вестите за плановите на Вашингтон да повлече дел од својот контингент од Германија, полскиот премиер Матеуш Моравецки, јасно изрази надежи дека бројот на американските војници и офицери во неговата земја ќе се зголеми, вклучително и преку споменатото повлекување на американските сили од Германија.

„Силно се надевам дека како резултат на бројните преговори што ги водевме, и поради тоа што покажавме колку сме цврсти партнери на НАТО, дел од американските сили кои сега се наоѓаат во Германија, а кои САД ќе ги повлечат, ќе бидат донесени во Полска. Тоа ќе го зајакне источното крило на НАТО“, рече Моравецки.

„Секако, одлуката е кај САД, на претседателот Доналд Трамп, но ние очекуваме дека контингентот во САД постојано ќе расте. Ваквите разговори се водат тивко. По извесно време ќе го објавиме резултатот“, рече полскиот премиер потенцирајќи дека консултациите по ова прашање се водат извесен период.

Моравецки потврди дека во моментов во Полска се распоредени околу 5.000 американски војници. Според него, „прекомандувањето на американските војски на источното крило ќе придонесе за зајакнување на безбедноста на цела Европа“, рече полскиот премиер и го истакнува својот став дека „вистинската опасноста лежи на источната граница“, алудирајќи на Русија.

За можното повлекување на дел од американскиот воен контингент од Германија прв извести пред извесно време весникот The Wall Street Journal, ставајќи го овој потег во контекстот на односите меѓу Вашигнтон и Берлин, кои се често тензични во изминатите четири години. Трамп, имено, силно ја притисна Германија да ги зголеми своите трошоци за одбраната и ја обвини дека со проектот Северен тек 2 станува заробеник на Русија поради енергетската зависност.

Во моментов САД во Германија имаат 34.500 војници и офицер, а околу 17.000 американски цивилни службеници ги опслужуваат американските трупи во оваа земја. Според некои процени, најголем број од нуклеарните боеви глави во Европа, САД ги имаат распоредено токму во Германија.

Во мај годинава, тагашниот американски амбасадор во Берлин, Ричард Гренел, ја обвини Германија за поткопување на стратегијата на НАТО за нуклеарно одвраќање, алудирајќи на некои коалициски партнери и конзервативци од партијата на Ангела Меркел, откако некои од нив повикуваа на нуклеарно разоружување.