САД останаа и без Дурент

Актуелниот МВП на НБА лигата одлучи да се повлече од составот на САД кој за помалку од месец дена во Шпанија ќе се обиде да ја одбрани светската круна освоена пред четири години во Турција.

Прво беше откажувањето на Блејк Грифин заради повреда, а недолго потоа и на Кевин Лав, кој не сакаше да ризикува повреда додека беше во исчекување на неговиот трејд од Минесота. Потоа уследи хорор повредата на Пол Џорџ во Лас Вегас, кој во дуелот на „синиот“ и „белиот“ тим на селекцијата на САД заработи скршеници на потколеницата кои веројатно ставија крај на неговите надежи дека ќе заигра воопшто во сезоната 2014/15.

И како тоа да не им беше доволно на Американците, од чии подготовки за СП во Шпанија меѓу другите воопшто не ни беа Леброн Џејмс, Двајт Хауард и Коби Брајант, синоќа со своето откажување од настапот на Светското првенство ги шокираше и Кевин Дурент. Играчот кој пред четири години беше нивни лидер на патот до златото на СП во Турција и кој е актуелен МВП на НБА лигата одлучи, заради замор, да се повлече од тимот само три седмици пред почетокот на турнирот.

Со неговото откажување сега на списокот на Мајк Кшижевски има вкупно 15 играчи кои со тренинзи продолжуваат следниот четврток во Чикаго каде ќе се финализира и списокот од 12 кошаркари кои ќе патуваат за Шпанија.

Веста за повлекувањето на Дурент секако е лоша за Американците, но во исто време и добра за нивните конкуренти за светскиот трон, кои без крилото на Тандер во тимот на САД имаат реална основа да се надеваат дека можат до врвот. Во група со Американците на СП се Турција, Финска, Украина, Нов Зеланд и Доминиканската Република, а на патот до финалето тие можат да се сретнат само со селекција од групата Д од која дел се Словенија, Литванија, Ангола, Мексико, Австралија и Јужна Кореја.