САД острo ја менуваат стратегијата за Украина, според медиуми

Администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден направи пресврт во својата стратегија за војната во Украина со цел што побрзо да се реши конфликтот со Русија, пишува влијателниот колумнист на Bloomberg Хал Брендс.

Како што пишува Брендс, конфликтот во Украина во нова фаза, а американската страна претрпува значајни промени, но сега не со цел да се победи Русија туку претседателот Владимир Путин да се присили да седне на преговарачката маса, надевајќи се дека тоа ќе донесе евентуална дипломатска резолуција – стратегија „ескалација до деескалација“ што може да се покаже многу тешко да се оствари.

Според него, администрацијата на претседателот Џо Бајден во последниот период ја зголемува воената поддршка за Украина надевајќи се дека на тој начин ќе се дојде до крајно дипломатско решение за конфликтот, но сега сѐ помалку стравува од ескалација на борбените дејствија.

Брендс во написот тврди дека администрацијата во Вашингтон работи на промената на својата стратегија за украинската војна во три правци. Првиот е појасното дефинирање на американските цели во врска со конфликтот, снабдување на Украина со понапредно оружје и одобрување на Киев да ги нападне руските цели на црноморскиот полуостров Крим, за кој Москва повеќепати предупреди дека ќе значи непримерна ескалација на војната и жесток руски одговор.

Целта на оваа стратегија на администрацијата на Бајден е да ја принуди Русија да преговара со Украина под закана да ѝ бидат нанесени сериозни загуби, бидејќи САД не сакаат оваа војна да се одолговлекува во недоглед. Сепак, Бреднс наведува дека тој не е најсигурен во целосниот успех на овој нов простап.

„Обновената стратегија на Бајден е разумен обид да се справи со промените на бојното поле и да се сфати како воените успеси можат да придонесат за решение. Тоа задолжително не мора да значи дека стратегијата ќе профункционира“, заклучува Берндс.

Русија во последниот период секојдневно предупредува дека зголемувањето на испораките на оружје на Украина, особено со современи вооружени системи кои можат да достигнат цели подлабоко на руската територија, вклучително и на Крим, само придонесува за поголемо страдање на украинскиот народ, како и за ескалирање на војната.

Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров се закани дека во тој случај пратките со западно оружје ќе станат легитимна цел уште пред да стасаат на територијата на Украина. Во четвртокот и портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, истакна дека трупањето ново офанзивно оружје во Украина само ќе има негативни последици.