Американскиот претседател одобрил, иако засега не ги активирал, „многу остри санкции“ за Турција која на северот од Сирија покрена сеопфатна офанзива против Курдите, изјави во петокот американскиот министер за финансии Стивен Мначин, додека Обединетите нации јавуваат дека досега 100.000 луѓе се раселени за трите дена од траењето на турската операција „Извор на мирот“.
„Претседателот Доналд Трамп има намера да потпише указ за да ја одврати Турција од продолжување на воената офанзива на североистокот од Сирија. Станува збор за многу остри санкции. Се надеваме дека нема да мораме да ги употребиме, но доколку биде потребно ние можеме да ја неутрализираме економијата на Турција“, порача министерот за финансии на САД, Стивен Мначин.
И американскиот министер за одбрана Марк Еспер потврди дека Вашингтон „силно се противи“ на турската воена инвазија во Сирија, но дека нема своите војници да ги упати на теренот за да се најдат среде „долговечниот судир“ меѓу Анкара и Курдите.
„Сакам да бидам јасен, ние не ги напуштаме курските партнерски сили“, истакна Еспер, додавајќи дека американските сили ќе останат покрај Курдите во деловите од Сирија. Призна дека Турција ги ставила САД во „тешка позиција“. Рече, исто така, дека Турција е предупредена на „штетата која им ја нанесува на билатералните односи“ со Вашингтон, како и на успехот во борбата против џихадистичката Исламска држава
Турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган во меѓувреме порача дека неговата земја нема да ја запре операцијата против силите на сириските Курди, Единици за заштите на народот (YPG), кои Анкара ги смета за фракција на забранетата Работничка партија на Курдистан (PKK) којашто од 1980-те години води вооружен бунт на југоистокот од Турција.
Анкара ќе ја продолжи воената операција во Сирија и покрај повиците на САД, рече Ердоган. Според турскиот челник, Вашингтон своевремено не одговорил на повиците на Анкара да престане да ги поддржува курдските сили.
„Нема да запреме, нема да ги сопреме чекорите кои ги преземавме против YPG, без оглед на тоа што некој вели нешто за тоа. Примаме закани и од лево и од десно да го запреме напредувањето. Ни се заканува да ја запреме оваа операција. Му реков на американскиот претседател Доналд Трамп и на другите земји ‘престанете со тоа’ (воената поддршка на САД за курдските милиции), но вие тоа не го сторивте. А сега ние нема да отстапиме“, истакна Ердоган.
Турскиот челник истакна дека турските „антитерористички операции во Ирак и во Сирија не се насочени против територијалниот интегритет на овие земји. Ердоган, исто така, рече дека „Турција не се бори со Курдите, туку со терористичките организации“.
„Со чистењето на терористичките организации, ние ќе ја осигуриме безбедноста на нашите гранции и враќањето на сириските бегалци“, заклучи Ердоган.
Турските авиони и артилеријата во петокот од утрото го гаѓаа подрачјето околу сирискиот град Рас ал-Ајин, еден од двата погранични града кои се во фокусот на офанзивата. Медиумите од Чајлепинар, од турската страна на границата, јавуваат дека престрелки се слушале и од самиот град Рас ал-Ајин, како и дека курдските сили гранатирале турски погранични места и оти има цивилни жртви. Се известува за најмалку десет загинати цивили, од кои половината деца, и околу 100 ранети.
На третиот ден од офанзивата загинале стотина луѓе, а повеќе десетиици илјади луѓе се принудени на бегство. Според процените на ОН, во овие три дена севкупно се раселени околу 100.000 луѓе. Светската организација, исто така, предупредува дека поради борбите вон употреба е водоводот во градот ал-Хапека, како и дека 400.000 луѓе се без вода за пиење и оттаму ОН барат договорање „хуманитарна пауза“.